| четврток, 6 декември 2018 |

Даниел Георгиевски и Ванче Шиков на мета на Вардар

Македонските фудбалски репрезентативци Даниел Георгиевски и Ванче Шиков се можните нови засилувања на фудбалскиот клуб Вардар во летниот преоден рок.

Двајцата одбранбени играчи имаат големо интернационално искуство и се стандардни репрезентативци на Македонија, а веќе се контактирани од раководството на Вардар.

Шиков игра на позицијата стопер, а моментно е во немилост на Управата на Волин Лутск и не игра за украинскиот прволигаш. Неговата цена е солена за македонскиот фудбалски пазар, а наводно, според условите на неговиот менаџер, Шиков би играл во Вардар за месечна плата од 20 илјади долари.

Уште поскап е Георгиевски, кој е член на романскиот првак Стеауа, но и тој не игра во пролетниот дел. Менаџерот на Стеауа, Лаурентиу Регекампф, не смета на услугите на десниот бек и тој сигурно си заминува од Букурешт. За него е заинтересиран и германскиот прволигаш Ајнтрахт од Франкфурт, но и од раководството на Вардар контактирале со Георгиевски.

„Црвено-црните“ ја загубија титулата во македонското првенство, па најавена е сериозна реконструкција на тимот. Добар дел од играчите ќе си заминат, а многу работи околу засилувањата во летниот преоден рок ќе зависат од тоа дали Вардар ќе се избори за настап во еврокуповите. Моментно се уште актуелниот шампион е на четвртата позиција, последна што гарантира настап во квалификациите за УЕФА Европа Лигата. До крајот има уште две кола во домашното првенство.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top