| четврток, 6 декември 2018 |

Од вишок во Вардар, до херој на Работнички, Маневски со два гола го декласира шампионот

Од вишок во Вардар до херој во Работнички и веројатно и главен човек за одлука во македонскиот шампионат. Борче Маневски е играчот што ги води „романтичарите“ до титулата во домашното првенство, а денеска со два гола му донесе значајна победа на Работнички од 3-1 во градското дерби, а патем и го симна од тронот шампионот Вардар.

Искусниот напаѓач лани си замина од таборот на „црвено-црните“ како прекуброен, а попладнево со два погодока беше човек на одлука за значаен триумф на Работнички. Вардар намали со голот на Филип Петров, но Благоја Тодоровски во финишот ја потврди победата на лидерот.

Работнички со 59 бода ја задржа пол-позицијата на две кола до крајот, а Вардар со 7 помалку ќе се бори за излез во Европа, но е без шанси да ја задржи круната.

Турново со прекрасниот гол на Сашко Пандев од слободен удар го победи Пелистер и со 57 бода ги задржа шансите за првото место во македонското првенство. Претходно Музафер Ејупи промаши пенал, но Пандев со еврогол сепак ги задржа турновци во битка за врвот.

Во трката за титулата остана и Металург по победата во Штип против Брегалница со 1-0. Марко Симоновски со гол во првиот дел беше човек на одлука. Металург има 56 бода.

Во останатите натпревари Шкендија со 5-0 ја декласира Ренова, Еуромилк со 4-1 го надигра испаднатиот Напредок, а во дуелот на дното Македонија Ѓорче Петров со 2-1 го победи Гостивар.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top