
Краткометражниот документарен филм „Мизар-ѕвезда на надежта“ изработен од студентите на Факултетот за драмски уметности – Скопје вечерва во скопското кино „Фросина“ во Младинскиот културен центар (МКЦ) во 20 часот ќе биде премиерно прикажан во рамки на „Скопскиот филмски фестивал“ во вечерта посветена на студентски филмови.
Автор на филмот е Марко Џамбазоски студент на катедрата по филмска и ТВ монтажа, кој и самиот е музичар во скопскиот бенд Визија.
Приказната ги обработува почетоците на Мизар и трнливиот пат во кој од обичен гаражен бенд, групата станува една од најзначајните музички состави во историјата на македонската рок-култура.
Во филмот се користени, главно, досега необјавени аудио и видео материјали од бендот, од кои еден дел се демо снимки, а други се земени од архивата на МРТВ. Базиран е на сеќавањето на членовите на Мизар од тој период – Горазд Чаповски, Панта Џамбазоски, Илија Стојановски, Горан Таневски и Слободан Стојков. Во документарецот се опишува и односот на Мизар кон тогашниот политички систем во Југославија и тврдоглавата желба на членовите да донесат промени во општеството, како поголема слобода на мислење и изразување, не само во културата туку воопшто.
Сценариото, монтажата и режијата се на Марко Џамбазоски. Снимател е Александар Ристески, студент на катедрата по филмско и ТВ-снимање.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


