| четврток, 6 декември 2018 |

Прилепскиот мермер ги разубавува Белата куќа и палатите на Версаче и на Шанел

Светски познатиот германски археолог Хајнрих Шлиман, човекот што ја откопа Троја, во својата книга „Троја“ упатува на тоа дека при археолошкото расветлување на древната град-држава пронашол многу градби и скапоцени дела од мермер од прилепскиот мермерен басен

Освен како град на тутунот, односно град на „жолтото злато“, Прилеп е познат и по својот мермер, кој се обработува од карпите во планинскиот превалец Плетвар. Мермерот од Прилепско, кој е со особено висок квалитет, се извезува во Јапонија, Америка и во други земји во светот.

Наоѓалиштето на мермер „Сивец“, наречено според ридот, е наоѓалиште на еден од најпознатите и најбарани мермери на светот. Белиот град, наоѓалиштето на мермер „Сивец“, во североисточниот дел на Прилеп, има импресивна и мистична креација. Низ светлите заслепувачки бели ходници под отвореното темносино небо, движењето на посетителот е по бели комплексни мермерни блокови, високи и до шеесет метри. Тоа што може да се доживее во „Сивец“, покрај Прилеп, ретко се доживува некаде во светот. Групи работници, заштитени со шлемови, врз чиишто сини комбинезони паѓа бел мермерен прав, со челични јажиња-секачи, посебни пили, облагородени со дијаманти, долги и до шест метри, го сечат белиот мермер, со што се добива мермерен блок дебел по најмалку два метра и широк пет метри. Водата што ги гасне дијамантските пили тече во млазеви и предизвикува густа бела пареа, што асоцира на вулканска каша. Зачудувачка глетка.

Reportaza85-Prilep-2

Од него се изработени многу домашни и светски споменици и градби низ сите периоди. Богатото наоѓалиште „Сивец“, прв рудник во светот по производство на најквалитетен бел мермер, извезува финални мермерни производи во Грција, Саудиска Арабија, Африка, Австралија, САД, Јапонија и на други континенти и земји. Дневно од Прилеп низ светот патуваат најмалку три шлепери со непреработени грамадни мермерни блокови, секој блок тежок меѓу дваесет и три­есет тони. Нивната крајна адреса се скулпторски ателјеа или мини-фабрики за производство на украсни фасади, подиуми и ѕидови на многу сакрални христијански и муслимански верски објекти и галерии и најразлични мали фигури од овој постојано студен и светол камен.

– Мермерот го експлоатираме со помош на најмодерната светска технологија. Користиме дијамантски алатки. Во „Сивец“ работниците се влезени шеесет метри под нивото на земјата. Користиме италијанска технологија. Прилепскиот мермер го користи целиот свет. Тој е млечнобел гранит, познат како „бјанко сивец” .Тој е број еден во светот. Ова наоѓалиште за мермер го користеле старите Асирци, Месопотамците, Египќаните, Римјаните, Византијците. Старите антички градови се градени од прилепски мермер, велат технолозите.

 

Reportaza85-Prilep-3

Уметници од Европа го делкаат прилепскиот мермер

Прилепчанецот Сотир Николоски, скулптор и автор на многу дела во мермер наградени на меѓународни изложби и аукции, од неодамна е првиот што има мини-продавница на скулптури од мермер од Прилеп, а во неа купуваат и странци, кои во Македонија застапуваат многу меѓународни организации. Познатите скулптори Бранко Конески и Драган Поповски – Дада работат дела од прилепскиот бел мермер, со него работи и академик Томе Серафимовски, а скулптури на покојниот Димо Тодоровски, работени од прилепскиот бел мермер, се ненадминати во балкански и во светски релации. Многу анонимни скулптори, резбари во камен, фасадни мајстори од Македонија и од Балканот низ вековите се определувале своите уметнички фигури да ги изработуваат од овој мермер.

– Традиционалните театарските маски – тажна и насмеана, ќе ги изработуваме од една коцка прилепски мермер, ќе бидат во триаголна форма, поставени една врз друга, при што, поставени на постаментот, нивното движење ќе се менува. Се надевам дека театарските маски ќе најдат место пред храмот на културата „Марко Цепенков“ – вели скулпторката Софија Грабулоска.

Значајни градби со прилепски мермер има во Русија, Велика Британија, Франција,Турција, Грција, Италија, Германија,Бугарија, Србија, во Словенија, палатите на Версаче и на Коко Шанел во Токио, Јапонија, претседателската палата во Ангола, кралската резиденција во Саудиска Арабија и претседателската куќа во Египет, мермерни плочи има и во Белата куќа во САД, резиденцијата на Садам Хусеин во Багдад.

Прилепското богатство – белиот мермер, познат во археологијата како ситнозрнест вулкански гранит, преработен се наоѓа и кај цивилизациите на Медитеранот. Светски познатиот германски археолог Хајнрих Шлиман, човекот што ја откопа Троја, во својата книга „Троја“ упатува на тоа дека при археолошкото расветлување на древната град-држава пронашол многу градби и скапоцени дела од мермер од прилепскиот мермерен басен. Домашната археологија нема многу податоци за тоа од кога и каде се употребувал прилепскиот мермер. Нивното научно толкување за експлоатацијата и за користењето на прилепскиот мермер е дека датира од старомакедонско време и подоцна во римскиот период. При ископувањата во Стоби, Хераклеја, Скупи, Вардарски Рид, Исарот, Шлегово и во Виничко Брдо и на други македонски археолошки наоѓалишта, најдени се фигури и скулптури изработени од блокови од мермерот од Прилеп. .

Прилепчани со гордост раскажуваат дека од нивниот мермер е направен половина Багдад. Словенците го газат прилепскиот гранит на аеродромот, а неколку стотици, можеби и милиони лондончани секојдневно се одушевуваат на музеите направени со прилепски украсни камења. Прилепскиот мермер го штити од африканските горештини претседателот на Ангола, а во Виена, Берлин и во Прага веќе со години работат неколку банки изградени од прилепски камења. Најчесто се користи за внатрешно уредување и декор затоа што е мек и не е за надворешни услови.

– Ако е наместен надвор, со потпетица може да му се направи дупка и да се оштети – објаснуваат технолозите.

Најпознат е чистобелиот мермер. Тој е и најскап затоа што малку го има, а и тешко се наоѓа. Нијансите на сиво се поприсутни. И сосема црниот е вистинска реткост. Каменоресците се радуваат кога ќе извадат чисто парче мермер, без пукнатини.

– Го бакнуваме од радост – објаснува и се смее еден сопственик на фирма за мермер.

– Од 100 кубика маса, излегуваат пет кубика здрав мермер. Другото е крш што го дробиме. Правиме нешто што знам дека ќе ме надживее затоа што мермерот нема рок на траење. Тоа го покажуваат и скулптурите уште од античко време – вели тој.

Reportaza85-Prilep-4

Во Македонија има и може да се најдат рубини во лежиштата на доломитските мермери, како што е прилепскиот сивец. Единствената разлика е во неговата бистрина. Рубинот, всушност, е проѕирен корунд. Со сечење поголемо парче корунд, кое секогаш има примеси на други минерали, може да се најде проѕирен дел, кој се вика рубин.

– Во зависност од примесите во корундот и бојата што ја примил од нив, од него може да излезат смарагди, сафири, топази. Рубинот, како и дијамантот, во необработена форма личи на обичен камен. Неговата обработка во финална форма е нешто сосема друго – велат геолозите во Природонаучниот музеј.

Словенците Миха Јершек и Бреда Миртич имаат издадено стручна публикација во која детално ги презентираат сите податоци, потекло – наоѓање, вредност и начинот на сечење на македонскиот рубин. Така дознаваме дека, всушност, многу скапоцени камења што може да се видат во светските каталози се пронајдени во Прилепско. Но, за жал, скапоцените камења се продаваат за багателни цени.

– Во Македонија се наоѓа единственото европско наоѓалиште на рубини. Поради неупатеноста и желбата за заработка, кај прилепчани поминала приказната дека станува збор за минералот корунд и тоа од најниска класа. Во едно село што се наоѓа меѓу Прилеп и Битола има дупка длабока триесет метри. Оттаму се вадат камења што во себе содржат полускапоцен камен микролин. Ископаното се носи во странство за да се постигне поголема цена, откриваат ископувачите од Прилепско. Тоа најчесто се случува кога има Саем за минерали. Се носат како саемски експонати и се продаваат. Стручњаците ги потврдија кажувањата на домашните ловци на скапоцени камења и за одливот од земјава – вели д-р Ивица Милевски.

 

Reportaza85-Prilep-6

Странците го купуваат скапоцениот камен по багателни цени

Странците го купуваат скапоцениот камен по багателни цени, а продавачите не знаат за што станува збор. Уверени се дека им продаваат минерал за индустриски потреби, а не за изработка на скап накит. Трговијата трае половина век. Прилеп­чани потврдуваат дека во нивниот град постои вистинска црна берза на скапоцени камења. Звучи неверојатно, но скапоцените камења се тука. Според домашните дилери, освен рубинот, од Македонија во Западна Европа се шверцуваат и скапоцени и полускапоцени камења од видот микролин, опал, гранит, гдијаспор, карниол. Извозниот спектар на домашното богатство е голем, но парите се мали. Камењата се шверцуваат необработени.

Reportaza85-Prilep-5Обработениот камен по карат (0,2 грама) според цените на пазарот чини исто колку и 40 килограми необработени скапоцени камења со најмала гранулација. Цената е 300 евра за еден килограм. Покрупните парчиња се продаваат поединечно. Најскапи се камчињата што личат на бојата на месото. Црвеникавите камења (прилегаат на сушено месо – врат или печеница) ги има најмногу во прилепските наоѓалишта за експлоатација на мермер. Расфрлани се насекаде. Доволно е да забележите некое парче и да си го земете како сувенир. Големите парчиња, колку човечка рака, веднаш ги разграбуваат. Исти такви се наоѓаат и по нивите во близина на наоѓалиштата.

(Пишува: Невена Поповска
Текст објавен во 85. број на неделникот „Република“, 18.04.2014)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top