Металург ја продолжи импресивната серија од 8 меча без пораз во Првата македонска фудбалска лига, а денеска во дербито за врвот го совлада и лидерот Работнички со 2-1.
На „Филип втори“ арената премиерниот меч од 29 рунда беше одлучен уште по првото полувреме кога беа постигнати сите три погодоци. Стевановиќ го отвори резултатот во четвртата минута за предност на Металург од 1-0, израмни Илијоски во 25. минута, а конечниот резултат и триумф на гостите го донесе Симоновски со удар од белата точка во самиот финиш од првиот дел.
Во второто полувреме Работнички се обиде да да освои барем еден бод и да ја задржи предноста пред конкурентите, но не успеа да постигне гол. Без двајцата влијателни играчи Вујчиќ и Маневски „романтичарите“ немаа сила за клучна победа што ќе значеше голем чекор напред кон титулата. Сега со 53 бода на самиот врв на табелата им се приклучи и Металург, а шанса за шампионската круна имаат и Пелсиетр и Турново со по 50 бода и меч помалку и секако бранителот на титулата Вардар, кој има 48 бода и меч за играње од 29 коло.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


