| четврток, 6 декември 2018 |

Храбра мајка одгризала уво на питбул за да ја спаси 2-годишната ќерка

дете

Челси Кемп и нејзината ќерка Мекензи едвај преживеале минатиот месец при напад на питбул во нивниот дом во Алвин, во американската сојузна држава Тексас. Храбрата мајка буквално со сите сили се борела со збеснатото куче што ја нападнало нејзината 2-годишна ќерка и притоа му го одгризала увото и му забила рака во устата, пренесува Дејли мејл.

Кучето, кое инаку е во сопственост на момчето на Челси, влегло во собата во која спиело девојчето и бил мирен сѐ додека не намирисал друго куче со кое девојчето претходно си играло. Питбулот ненадејно скокнал врз неа и ја нападнал, а инстинктивно реагирала и нејзината мајка, која веднаш скокнала врз кучето за да си ја спаси ќерката.

Во борбата со питбулот Челси му одгризала дел од увото, но песот воопшто не попуштил и останал фокусиран врз кутрото девојче. Мајката потоа со цела сила му ја забила раката во уста, што го зашеметило. Полицијата по пристигнувањето во куќата веднаш го застрелала кучето, кое потоа било и успано, а мајката и ќерката ги нашле скриени во бањата.

Повредите на девојчето биле толку сериозни што таа итно со хеликоптер била пренесена во болница каде врз неа оперирале цели седум часа. Таа имала рани по целото тело, но најмногу на главата и лицето.

Мајката добила рани по рацете од борбата, но е пресреќна што може да ја прегрне својата ќерка. Шерил Кемп, тетката на девојчето, на Фејсбук објавила дека девојчето нема трауми од нападот и дека воопшто не се сеќава на него. Ја спасиле мајчиниот инстинкт и храброста.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top