
Петти пат, на непосреди и демократски избори граѓаните на Македонија го избираат претседателот на државата. Ќе се избира меѓу Ѓорге Иванов, кандидат на ВМРО ДПМНЕ, Стево Пендаровски – кандидат на СДСМ, Зоран Поповски (ГРОМ) и Илијаз Халими (ДПА).
Досега се одржани четири избори за претседател на Република Македонија во 1994, 1999, 2004 и 2009 година. Првиот претседател на Република Македонија Киро Глигоров не беше избран на непосредни избори, туку од Собранието на 27 јануари 1991 година, согласно тогашните уставни решенија.
Со воведување на повеќепартискиот систем во Македонија, започнаа меѓупартиските консултации околу предлагање на личност за кандидат за претседател на Република Македонија. Таа функција што дотогаш во Македонија не постоеше му беше понудена на Киро Глигоров.
Новиот претседател, кој ќе ја добие довербата од граѓаните на претстојните избори, должноста треба да ја преземе по 12 мај кога, според Уставот, му истекува петгодишниот претседателски мандат на Ѓорге Иванов.
Четворицата претенденти за нов шеф на државата изборната кампања ја почнаа на 24 март 2014 година, а убедувањето на граѓаните зошто да им ја дадат довербата го завршиja 24 часа пред денот одреден за гласање.
За претседател ќе биде избран кандидатот кој на денешните избори ќе освои мнозинство гласови од вкупниот број евидентирани гласачи. Ако никој не го добие потребното мнозинство, по 14 дена ќе се организира втор круг во кој одат двајцата кандидати кои добиле најмногу гласови. Ќе победи тој што ќе освои повеќе гласови под услов на гласање да излезат најмалку 40 проценти од вкупното избирачко тело.
Доколку во вториот круг никој од кандидатите не го добие потребното мнозинство се повторува целата постапка.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


