Доајенот на македонското глумиште, македонската актерка Милица Стојанова на 12 април, во Драмски театар ја очекува премиерата на „Евангелие на глупоста“ на Љубиша Георгиевски. И на осумдесет и две години Стојанова има жар во очите пред премиера. како вчера да ја почнала актерската кариера.
– Бескрајно сум благодарна на професорот Георгеивски што ме повика во неговата претстава. Јас уште одамна реков: Ако сакате побрзо да умрам, тргнете ме од сцената! И тие буквално ме сватија, па ме повикуват – изјави Стојанова.
Нејзина последна премиера во Драмски беше „Дон Жуан“ во режија на Александар Поповски, од 2005 година. Таа ќе игра со Благој Чоревски, Ирена Ристиќ, Диме Илиев, Филип Трајковиќ, Трајанка Илиева, Игор Георгиев, Петар Мирчевски, Катерина Шехтанска- Лаковска, Игор Ангелов, Валдета Исмаили, Ана Костовска и Александра Павлова.
„Евангелие на глупоста“ е пиеса за распаѓањето на семејството како резултат на општиот трулеж на вредностите, врз кои почива нашата цивилизација. Човештината е заборавена, љубовта е само фосил, омеѓан од највулгарниот секс, верата претворена во безверие, чесноста е глупост, а глупоста, гордост, логиката се изнасилува дневно, јазикот не служи повеќе за разбирање, па дури и неразбирање. Шумовите во комуникацијата меѓу луѓето се толку моќни, што комуникацијата и самата станува шум! Умот ги мами луѓето со таков интензитет, што тие не им веруваат повеќе ниту на своите очи, ниту на своите уши и веруваќи во самото Ништо, стануваат зомби – вели режисерот Георгиевски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.