Зградата на локалата администрација во Харков е ослободена во специјалната операција во која беа уапсени 70 лица, изјави раководителот на харковската област, Игор Балута, кој е назначен од властите во Киев.
– Зградата е преземена и е под заштита на припадници на безбедносните органи и на вооружените сили на Украина и е целосно е подготвена да продолжи со работа – нагласи Балута преку соопштение, објавено на сајтот на локалната адмиистрација.
Тој додаде дека ќе продолжи „антитерористичката операција“ во градот . За почетокот на операцијата информираше денеска украинското Министерство за внатрешни работи.
– Почна антитерористичка операција. Центарот на градот е блокиран. Не вознемирувајте се, откако ќе завршиме ќе го отвориме – изјави вршителот на должност министер за внатрешни работи Арсен Аваков.
Министерството соопшти дека уапсените се осомничени за незаконска активност, поврзана со сепаратизам, организирање на масовни немири и нарушување на други закони.
ИТАР-ТАСС јави дека „група јавни личности“ вчера во зградата на регионалната администрација во Харков одржале „собрание на обласната заедница“, на кое е изразена недоверба кон членовите на харковскиот областен совет. Учесниците на собирот објавија и список на луѓе што ја презеле обврската на пратеници од обласниот совет. На ад хок седницата е донесена одлука за создавање независна држава под името „Харковска Народна Република“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.