На годинешниот Саем на книга во Скопје издавачката куќа „Или-или“ се претставува со четири нови книги во популарната едиција ПРОаЗА, како и со две реизданија на книги чиј тираж одредено време беше исцрпен.
– По долго и нестрпливо очекување, конечно, преводот на фантастичниот (во секој поглед) роман на Дејвид Мичел, „Атлас на облаците”, и пред домашната читателска публика. Делото кое лани беше екранизирано од тандемот Вачовски, сепак, како и секогаш, нуди многу повеќе отколку филмската верзија, и затоа сигурни сме дека безрезервно ќе уживате во неговите квалитети на еден современ светски роман. По успехот со романот „Резервен живот“, кој доби Европска награда за литература за 2013 година, порасна интересот за првиот роман на Лидија Димковска „Скриена камера“. Првпат во нашата едиција имаме и превод на дело од словачки јазик, благодарение на Звонко Танески. Се работи за збирката раскази „Трезнење“ на наградуваниот словачки писател Јурај Шебеста – велат од „Или-или“.
Меѓу новите наслови е и второто издание на „Едноминутни новели“ на унгарскиот маестро Иштван Еркењ. Што се однесува до веќе споменатите реизданија, се работи за култниот роман „Читачот“ на германскиот писател Бернхард Шлинк. Второто реиздание е од есеистичката едиција „Или-или“ легендарното дело на унгарскиот љубител на виното Бела Хамваш, кој во „Филозофија на виното” погледнува на консумирањето на оваа непроценлива течност од личен, но сосема поинаков аспект од досега прочитаното.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.