Легендата на светскиот ракомет Љубомир Врањеш ќе го предводи Фленсбург против Вардар на последниот чекор пред настап на завршниот турнир во Келн, а подобриот од двата тима ќе игра за титулата во арената „Ланксес“ на 31 мај и на 1 јуни.
Врањеш беше еден од најдобрите плејмејкери на планетата, сега еден од најценетите тренери, што ќе биде голем адут на Фленсбург.
Во интервју за специјализираниот ракометен портал „Хендбол Планет“, Врањеш со многу комплименти го коментира македонското чудо.
– Три тима од ист град Скопје во завршницата. Па тоа е неверојатен подвиг. Македонците и треба да се во еуфорија – вели Врањеш. Тој истакна дека верувал во сензација на Вардар во реваншот со Хамбург, а според него „црвено-црните“ одиграле мошне мудро против актуелниот европски првак.
– Им кажав на моите ракометари од Фленсбург пред почетокот на реваншот во Хамбург, дека Вардар може да победи. Сепак, иако за мене не беше неочекувано, тоа одекна како голема сензација. Вардар играше многу интелегнтно – вели Врањеш.
Тој очекува тешка и израмнета битка на двата меча и во Фленсбург на 21 април и во реваншот во Скопје 5 дена подоцна.
– Ќе биде неизвесна битка цели 120 минути. Сеедно ми е кој прв е домаќин и каде ќе се игра реваншот. Знаеме за одличната атмосфера што навивачите ја прават во Скопје. Само треба да одиграме добро 120 минути за да патуваме во Келн – е коментарот на Врањеш.
Фленсбург загуби две финалиња во Лигата на шампионите и нема титула, а за Вардар пласманот во четврт-финалето е најголем клупски успех.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.