Македонија е ракометен џин и се наоѓа на врвот на Европа во клупска конкуренција заедно со Германија, оставајќи ги зад себе велесилите Шпанија, Данска, Унгарија, Франција и уште дузина признати и познати ракометни нации.
Со три претставници во завршницата од Лигата на шампионите, еден од нив сигурен учесник на завршниот турнир, Македонија е на делба на првата позиција заедно со Германците.
Женскиот ракометен првак Вардар веќе обезбеди настап на завршниот турнир во битката за титулата во Будимпешта, а за идентичен подвиг и пат во Келн на завршницата од машката Лига на шампиони сонуваат и Вардар и Металург.
И токму во директна битка со германски претставници, Флензбург и Кил, нашите два тима ќе се обидат да ја заокружат сезоната од соништата со историски успех.
Ист број екипи во ЛШ имаат и Германците, но тие се со три машки состави во игра за престижната титула од елитното натпревраување. Покрај Флензбург, кој му е противник на Вардар, и Кил, кој ќе игра со Металург, на трофеј се надева и Рајнекар Левен, но ќе мора да ја елиминира Барселона во четврт-финалето.
Два претставници има Унгарија, а надежите им се насочени кон Ѓер во женска конкуренција и Веспрем кај мажите. Потоа следуваат Шпанија (Барселона), Франција (ПСЖ), Данска (Митјиланд) и Црна Гора (Будуќност).
Покрај битката со Германија за задржување на врвот, и тоа директна со два двомечи во четврт-финалето, македонските клубови веќе остварија уникатен резултат. Скопје е единствен град во историјата на Лигата на шампионите со три екипи во завршницата на ова натпреварување.
Недостига само уште еден чекор и пласман на машките состави на Вардар и Металург на Ф4 во Келн за да се забележи невиден успех во европски рамки.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.