| четврток, 6 декември 2018 |

Голеада во домашниот шампионат, Вардар заборави како се победува

Вистинска голеада имаше на фудбалските терени во македонската Прва лига попладнево со вкупно 19 погодоци на пет натпревари или, во просек, речиси по 4 на натпревар, а главна вест е новиот неуспех на Вардар. Актуелниот шампион и четврти пат по ред не успеа да победи играјќи нерешено 2-2 против Македонија Ѓорче Петров.

Вардар прокоцка и предност од 2 гола бидејќи по само 4 минути игра водеше со 2-0 со головите на Петров и на Асани. Домаќините намалија на 1-2 со погодокот на Адем од пенал во шестата минута, а потоа останаа со играч помалку по исклучувањето на Најдовски во 20. минута.

Сепак, борбените играчи на Македонија успеаја да израмнат со голот на ветеранот Јанчевски во финишот на првиот дел и до крајот одолеаја на нападите на шампионот. Со новиот неуспех, Вардар падна на петтата позиција на табелата со 39 бода.

Лидер е Пелистер по убедливата победа од 3-1 во Кичево против Напредок. Битолчани се први со 44 бода. Со идентичен резултат Шкендија во дербито на колото го совлада Работнички, а најубедлив беше Металург со триумф од 5-1 против отпишаниот Гостивар. Турново загуби во Штип од Брегалница со 0-1, а утре се игра мечот во Тетово меѓу Ренова и Еуромилк.

Табела: Пелистер 44, Турново и Работнички по 41, Металург 40, Вардар 39, Шкендија 33, Брегалница 32, Ренова 31, Еуромилк 30, Македонија Ѓ.П. 23, Напредок и Гостивар по 14.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top