Црногорскиот репрезентативец Жарко Марковиќ одигра одличен меч за Хамбург против Вардар, пред публика што добро ја познава од времето кога го носеше дресот со сини бои на Металург. Корпулентниот десен бек висок 201 сантиметар по две години настапи во салата „Борис Трајковски“, а им подели комплименти на навивачите за атмосферата што ја направија вечерва.
“Мило ми е што по извесен период се вратив во оваа сала, во која публиката направи фантастична атмосфера. Се согласувам со тренерот Швалб дека во првото полувреме одигравме многу поквалитетно, како во одбрана така и во напад. Во второто примивме лесни голови, што играчите на Вардар го искористија да се вратат во игра. Сепак, вториот натпревар го играме на наш терен и се надевам дека ќе се пласираме во четвртфиналето“, изјави на прес-коференцијата Марковиќ.
Тој во 2012 година замина од Металург во Гепинген, за да може голманот Дарко Станиќ да остане во Металург. Станиќ имаше потпишано договор со германскиот клуб, па се направи размена и Марковиќ замина во Гепинген, а Станиќ се уште го чува голот на македонскиот вицешампион. По една сезона мината во Гепинген, десниот бек од Цетиње лани се пресели во редовите на актуелниот европски првак Хамбург.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.