Погледајте ја ексклузивната светска премиера на најновиот трејлер од авантуристичкиот спектакл „Неверојатниот човек-пајак 2“! Станува збор за еден од најочекуваните филмови оваа година, кој има потенцијал да стане и еден од најголемите филмски хитови благодарејќи на фактот дека неговиот главен лик е најпознатиот супер-јунак во историјата на стриповите. Новата кино најава (воедно и последна која ќе биде објавена пред доаѓањето на филмот) со сигурност ни ветува вистинска филмска забава која ќе можеме да ја погледнеме од 24 април кога „Неверојатниот човек-пајак 2“ ни пристига во „Синеплекс“!
Отсекогаш знаевме дека најголемата битка на Човекот-пајак е внатре во него: битка помеѓу секојдневните обврски на Питер Паркер и на необичните задолженија на човекот-пајак. Но, во „Неверојатниот човек-пајак 2“, Питер Паркер сознава дека постои поголем конфликт кој тој треба да го реши.
Одлично е да си Човек-пајак (Ендру Гарфилд). За Питер не постои подобро чувство како кога се ниша меѓу облакодери, кога сите го прифаќаат како херој и кога го користи времето за да биде со Гвен (Ема Стоун). Но, да бидеш Човек-пајак не е нималку лесно: само Човекот-пајак може да ги спаси неговите сограѓани од застрашувачките негативци кои му се закануваат на градот. Со појавувањето на Електро (Џејми Фокс), Питер мора да се соочи со душман многу посилен од него. И кога неговиот стар пријател Хари Озборн (Дејн де Хан) се враќа, Питер сфаќа дека сите негови непријатели имаат само едно нешто заедничко: корпорацијата OsCorp.
Авантуристичкиот спектакл го режираше Марк Веб, а главните улоги во второто продолжение им припаднаа на Ендру Гарфилд, Ема Стоун и оскаровците Џејми Фокс и Сали Филд.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.