Актуелниот европски првак Хамбург не успеа да го урне скопскиот бедем во салата „Борис Трајковски“ со победа против Вардар, тим што покажа квалитет, огромно срце и битка и одигра нерешено 28-28, па во реваншот за 7 дена двете екипи ќе почнат од нула.
Германскиот тим не го мина скопскиот пекол во деветтиот круг, откако претходно 8 пати Вардар и Металург не дозволија пораз во овој циклус од Лигата на шампионите на домашен терен.
И вечерва беше така, а Вардар носен на крилја на извонредната публика на крајот ја стопи негативата, што ја „бркаше во текот на целиот меч. Хамбург во еден момент водеше и со 5 гола разлика, а на полувреме замина со предност од 16-14.
Ракометарите на македонскиот шампион не потклекнаа пред силниот противник, кој покажа зошѓто е европски првак и со голот на Чипурин на 12 секунди до крај иозрамни на 28-28.
Тимур Дибиров беше најефикасен на мечот со гостинското крило Шредер, а двајцата постигнаа по 9 гола. Тимур одигра извонредно, беше незапирлив, но по стартот на Паскал Хенс во 49 минута се повреди и не се врати во игра до крајот на првиот осминафинален дуел. Хенс доби црвен картон и нема да игра во реваншот во Хамбург за една седмица.
Вардар продолжи да атакува, иако се соочи со негатива од 24-27 во самиот финиш. Прибак, карачиќ и Душебаев стрелаа прецизно, а Чипурин донесе вредно реми за Вардар со последниот гол на мечот.
Тој го заврши дуелот со 3 погодоци, а два повеќе даде Карачиќ. Душебаев 4 пати стрелаше прецизно во гостинската мрежа.
Извонредна партија на голот на Вардар пружи голманот Петар Ангелов, со 15 одбрани.
Неговиот колега на спротивната страна Битер беше еднакво добар со 12 фатени топки. Шредер постигна 9 погодоци, Хенс стаса до 5, Дувњак даде 4, а Канејас и Марковиќ по 3 пати се запишаа во листата на стрелците.
Фото:Ѓ.Личовски/ А. Ивановски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.