| четврток, 6 декември 2018 |

Самсоненко не признава „не“, Лацковиќ е нов член на РК Вардар

Сергеј Самсоненко не признава негативен одговор, а рускиот сопственик на РК Вардар од втор обид го донесе во клубот левиот бек на Хамбург, Блаженко Лацковиќ. Трансферот, според информациите на „Република“, веќе е реализиран, а 33-годишниот хрватски репрезентативец сигурно доаѓа во Вардар и ќе игра за македонскиот шампион од следната сезона.

Интересно е што веќе в сабота Лацковиќ ќе биде на спротивната страна и ќе игра за Хамбург во Скопје, на првиот осминафинален дуел со Вардар во Лигата на шампионите. Публиката во салата „Борис Трајковски“ ќе има можност да го поздрави новиот член на „црвено-црните“.

Лацковиќ пред речиси еден месец беше на преговори во Скопје, но тогаш до конечен договор не дојде, наводно, поради превисоките барања на Хрватот. Самсоненко и управата на Вардар, сепак, беа упорни и трансферот е реализиран. Неофицијално Лацковиќ треба само да го потпише договорот на една година, со можност за продолжување на уште една сезона.

lackovic

Лацковиќ има богато педигре во светот на ракометот и има богата колекција од медали и признанија. Со хрватската репрезентација левиот бек има 10 одличја од големите натпреварувања, а најзначајни се златните медали од Летните олимписки игри во Атина 2004 и европската круна освоена една година претходно во Португалија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top