| четврток, 6 декември 2018 |

Иселениците почнаа да се пријавуваат за гласање на предвремените парламентарни избори

glasanje-480x320

Македонските дипломатски претставништва низ светот почнаа да ги примаат пријавите на македонските државјани за гласање на предвремените парламентарни избори,  јави дописникот на МИА од Вашингтон. Граѓаните што живеат во дијаспората имаат можност до крајот на март да се пријават за гласање.

Горан Трајков, вицеконзул во Њујорк, потсетува дека граѓаните што веќе се пријавиле за гласање на претседателските избори, ќе треба повторно да се пријават.

– За пријавување на гласањето, потребно е граѓаните да ја пополнат пријавата за гласање, која можат да ја добијат во дипломатско-конзуларните претставништва или на интернет-страницата на Државната изборна комисија и да достават копија од нивниот македонски биометриски пасош, и од документ кој ќе покаже основа за престој во странство, како што е странска виза, зелена карта или копија од странски пасош, доколку се и странски државјани. Овие документи е потребно да се достават до дипломатските претставништва или преку е-пошта до Државната изборна комисија – вели Трајков. Образецот 30 гс за гласање на предвремените парламентарни избори може да се најде на веб-страницата на ДИК – http://www.sec.mk/index.php?option=com_content&view=article&id=249:obrasci-parlamentarni-2014&catid=48&Itemid=1305&lang=mk.

За гласање на претседателските избори се пријавија вкупно 8.311 македонски државјани што живеат во странство. На парламентарните избори, дијаспората ќе избира тројца пратеници од трите изборни единици надвор од границите на Република Македонија. Македонските граѓани во странство ќе гласаат еден ден пред изборите во Македонија – за претседател ќе се гласа на 12 април, а парламентарните избори, и евентуалниот втор круг претседателски избори, ќе се одржат на 26 април.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top