| четврток, 6 декември 2018 |

Таткото сакал да проси со детето, мајката не го давала

Утринава полицијата го пронашла таткото и е утврдено дека против него ќе бидат поднесени кривични пријави за запуштање на малолетно лице, тешка телесна повреда при семејно насилство и загрозување на сигурноста

bebe

Таткото на бебето кое во саботата беше оставено на хауба во центарот на Скопје сакал да проси со бебето, но мајката не го дозволила тоа и тој ѝ го одзел. Таткото бил во алкохолозирана состојба. а родители живееле во вонбрачна заедница. Мајката не го давала своето чедо, но таткото насилно ѝ го одзел бебето и почнал да бега.

Со бебето во раце, несовесниот родител бил забележан од страна на група граѓани, кои вечерта во саботата седеле во кафуле во близина на местото каде што беше оставено бебето.

Откако неговото однесување им паднало сомнително, почнале да го прашуваат каде оди со бебето, а тој исплашен, мислејќи дека мајката го пријавила, почнал да бега, по што го фрлил бебето на хаубата на автомобилот и избегал.

Граѓаните вечерта го пријавиле случајот во полиција, по што почна истрага за наоѓање на сторителот и на родителите на детето.

Случајот почнува да се расчистува кога вчера, по 12 часа од кога и било одземено детето, мајката пријавила во полиција.

Утринава полицијата го пронашла таткото и е утврдено дека за него ќе бидат поднесени кривични пријави за запуштање на малолетно лице, тешка телесна повреда при семејно насилство и загрозување на сигурноста.

Бебето е згрижено на Детската клиника, каде што се наоѓа во добра здравствена состојба.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top