Во Државната изборна комисија денеска треба да се одржи ждрепка по што ќе се знае редоследот на претседателските кандидати на избирачкото ливче за изборите кои се закажани за 13 април.
ДИК утврдената единствена листа на кандидатите за избор на претседател на Република Македонија ќе ја објави во „Службен весник“ најдоцна до утре.
Кандидати за претседател на државата се Ѓорге Иванов, поддржан од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“, предложен со потписи од 55 пратеници и 64.961 потпис од граѓаните, Стево Пендаровски од СДСМ, кој е поддржан од 38 пратеници, Илијаз Халими од ДПА, за кого потпис со поддршка дале 12.303 граѓани и Зоран Поповски, кандидат на ГРОМ, поддржан со потписи од 10.585 граѓани.
Изборната кампања за претседателските избори почнува на 24 март.
За вториот круг од изборите на 27 април, доколку не биде избран претседател на државата, се закажани и предвремени парламентарни избори.
Од утре, 18 март, почнува да тече дваесетдневниот период пред почнување на изборната кампања па до завршување на предвремените парламентарни избори кога не може да се исплаќаат субвенции кои не се редовни месечни исплати, да се одржуваат јавни настани по повод почнување изградба или пуштање во употреба на објекти со средства од Буџетот или од јавни фондови или со средства на јавни претпријатија или други правни лица што располагаат со државен капитал, во инфраструктурата како патишта, водоводи, далноводи, канализација, спортски игралишта и други објекти или објекти за општествени дејности училишта, градинки и други објекти.
Како што се наведува во Роковникот за изборни дејствија за спроведување на предвремените парламентарни избори, под забрана за одржување јавни настани не се подразбира, особено давање јавна изјава на носител на јавна функција или кандидат за носител на јавна функција на митинг, интервју на медиум, дебата на медиум или одговор на новинарско прашање. Од ДИК напоменуваат дека овој рок важи и ќе се применува до изборот на претседател на државата, пратеници и изборот на Владата, во согласност со резултатите од изборите.
Кампањата за предвремените парламентарни избори почнува на 5 април. Молк ќе има на 12 и на 13 март, пред првиот круг од претседателските избори.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.