Познатата руска телевизиска водителка Ксенија Собчак (35) најави дека ќе се кандидира на претстојните претседателски избори во март следната година.
Водителката ја објави својата одлука преку видео на Јутјуб.
Таа е ќерка на Анатолиј Собчак, реформистички градоначалник на Санкт Петербург од раните 90-ти години на минатиот век. Ксенија Собчак се приклучи на протестите против власта во Москва во 2011 и 2012 година, но избегнуваше да го критикува претседателот Владимир Путин, кој некогаш работел како заменик на нејзиниот татко.
Путин сѐ уште не го потврдил своето учество на изборите, но се очекува да се кандидира за нов мандат.
Кога се појавија шпекулациите дека Собчек ќе се кандидира, лидерот на опозицијата Алексеј Навални предупреди дека ова може да оди во прилог на Кремљ, бидејќи ќе ја подели опозицијата во претседателската трка.
Навални сака да се кандидира за претседател на Русија на изборите во 2018 година, но неговото учество е спречено поради кривичната судска пресуда, за која тој тврди дека е политички мотивирана.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.