| четврток, 6 декември 2018 |

Работнички го победи Вардар и му се приклучи на врвот

Работнички го доби градското дерби со Вардар со 2-1 и му се приклучи на актуелниот шампион на врвот со 38 бода. Во вториот денешен меч од Првата македонска лига, Металург загуби на домашен терен од Брегалница со 1-2.

Дербито во Скопје почна со едноминутно молчење како почит за трагично загинатиот поранешен голман на македонската репрезентација Петар Милошевски.

vardar1

Слабата посета и интерес од публиката за дербито (имаше околу илјада гледачи), како да ги заспа фудбалерите на двата тима, па гледавме скромно прво полувреме. За жал наместо голови на почетокот се случи несреќната повреда на напаѓачот на Вардар, Илчо Наумоски, кој заработи скршеница на скочниот зглоб и веднаш беше пренесен во болница.

ilco naumoski

Тоа се случи во осмата минута, а половина час подоцна Вардар поведе со 1-0. Јасир Асани беше стрелец за шампионот, но радоста траеше кусо, само 8 минути. Борче Маневски израмни на 1-1, резултат со кој заврши првиот дел.

Победносниот гол за Работнички беше дело на Баже Илиоски во 53. минута. Вардар се обиде да израмни и да освои барем еден бод, но на двапати играчите во „црвено-црни“ дресови немаа и среќа и ја погодија рамката од голот.

Сега двете екипи имаат по 38 бода и го делат првото место на табелата во македонската Прва Лига.

rabotnicki

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top