
– Современиот маркетинг, а, пред сè, интернет-маркетингот, претставува моќно средство во денешниот свет без коj не може да се замисли општественото општење, водењето на бизнисот и на вкупниот развој на една земја – истакна министерот за информатичко општество и администрација, Иво Ивановски, кој имаше обраќање на втората „Гоклик“ и „Гугл“ конференција за современ маркетинг во Македонија, која се одржа во Скопје.
Според него, глобалната компјутерска мрежа, како и развојот на широкопојасниот интернет го поттикнуваат натамошното ширење на глобалниот пазар создавајќи една нова економија.
-Нема да биде погрешно доколку кажеме и дека интернетот денес претставува основа за создавање еден економски поредок во светот, кој настана како резултат на примената на компјутерските, телекомуникациските и на мултимедијалните технологии – рече Ивановски.
Според анализата на „Бостон консалтинг груп“, која опфаќа рангирање на 65 земји во светот, Македонија е рангирана на 37. место по е-фрикција, односно факторот што може да ги ограничи потрошувачите, приватниот сектор и други субјекти во нивното целосно партиципирање во националната и интернационалната интернет-економија.
– Тоа е високо достигнување за Република Македонија и значи дека сме во групата земји со мал коефициент на е-фрикција или пречки за развој на е-Македонија. Од четирите подгрупи, најсилни сме во инфраструктурата на 27. место. Индексот на е-фрикција е најмал во Шведска, Финска иво Данска, додека највисок е во Нигерија, Пакистан и во Египет. Земјите со најниска е-фрикција имаат силна инфраструктура и даваат широка поддршка на бизнисот во доменот на интернет-економиите – додаде Ивановски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


