Република Македонија, Црна Гора и Србија, предводени од ветеранот во евроинтеграциите Турција, покренуваат иницијатива за присуство на самитите на Европскиот совет и состаноците на Советот на Европската унија во својство на набљудувачи.
Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, според оваа иницијатива, за која засега само се разговара и се опипува пулсот на земјите-членки, шефовите на државите и владите и министрите за надворешни работи на овие земји-кандидати, сакаат со присуство на овие најважни средби на ниво на Унијата, да почувствуваат како функционира ЕУ и најдобро да се подготват за идното учество во дебатите кога ќе станат членки.
Оваа иницијатива, во изјава за МИА ја потврди и Ѓул Бујукершен Орал, прв советник во Постојаната Мисија на Турција при ЕУ, задолжен за политички прашања и Западен Балкан.
– Желбата на земјите-кандидати да присуствуваат на Самитите на ЕУ и на состаноците на Советот на Унијата во својство на набљудувачи е само прелиминарна идеја и нема официјална позадина. Да речеме дека тоа е само неформална размена на мислења меѓу колегите. Но, кога иницијативата ќе созрее, ние со задоволство тоа ќе го објавиме – посочува првиот советник на турскиот амбасадор при ЕУ.
Присуството на земји-кандидати кои се пред преговори или веќе преговараат за членство во Унијата на самитите на Советот би бил новина во досегашното функционирање на ЕУ. Досега, само земјите кои ги имаа завршено преговорите и потпишано договор за пристапување, како што лани беше случајот со Хрватска, имаа право да присуствуваат во својство на набљудувачи на состаноците на највисоките тела на Унијата.
Но, и во тој случај, кога шефовите на државите на ЕУ-земјите разговараа за чувствителни теми или за теми поврзани со проширувањето, преставниците на земјата-потписник на договорот за пристапување, мораше да ги напуштат состаноците.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.