| четврток, 6 декември 2018 |

Летонија противник по мера за нов почеток на македонската репрезентација

Против Летонија утре од 19 часот во пријателски меч Македонија ќе ги почне подготовките за новиот квалификациски циклус за пласман на Европското првенство кое во 2016 година ќе се одржи во Франција. Нов почеток, исти желби – конечно да се избориме за настап на големо натпреварување, во конкуренција на Шпанија, Украина, Словачка, Белорусија и Луксембург. Квалификациите стартуваат во септември, а дуелот со Летонија ќе биде лакмус за новиот селектор Бошко Ѓуровски, со каков потенцијал располагаме и колкави ни се можностите.

– Ова е нов почеток и за мене и за репрезентацијата пред новиот квалификациски циклус. Сакаме да го искористиме натпреварот со Летонија за да се создаде еден победнички дух. Сакаме да го израдуваме македонскиот народ со победа, за добар нов почеток. Надежта не може никој да ни ја одземе. Без победнички пристап нема шанси за успех. Им кажав на сите репрезентативци дека барам фудбалери победници, Не смееме да се плашиме од никого. Ние сме мала земја, но мора да го покажаме нашето срце и да играме храбро против сите. Сакам да играме модерно, агресивно. Со таков пристап имаме шанси за успех. Ги респектираме сите, но нема да се плашиме од никого – изјави селекторот Бошко Ѓуровски. За него ова е деби како селектор, а вели дека се радува што почнува од кормилото на својата земја.

Летонците овојпат треба да го “одглумат“ стилот на игра на селекциите од поранешниот СССР бидејќи со нас во група се Украина и Белорусија.

– Подготвени сме да го прифатиме предизвикот. Со агресивност, со максимална желба за победа и посветеност верувам дека ќе победиме против Летонија и ќе најавиме подобри денови за репрезентацијата на Македонија – изјави Агим Ибраими.

Тој треба да биде еден од столбовите на македонската национална селекција во новиот циклус, во отсуство на Горан Пандев и, веројатно, на Николче Новески.

Од стандардните репрезентативци, утре ќе игра и Иван Тричковски, напаѓачот на Васланд Беверен. И тој и Ибраими за Калјари викендов постигнаа прекрасни голови, што е добра најава за подобрување на ефикасноста, една од најслабите точки во играта на нашата селекција во минатото.

– Нов почеток за нас, со нов селектор. Ќе покажеме дека сме подготвени за предизвикот. Секој меч треба да одиме на победа, а само така ќе ја зголемиме самодовербата, неопходна за добар резултат во квалификациите – вели Тричковски.

Мечот со Летонија ќе се игра утре, од 19 часот, на националната арена „Филип Втори“ во Скопје.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top