„Од Бразил до Македонија – карневалите запалија разнобојни прослави“ е насловот на фоторепортажата на еден од највлијателните светски медиуми „Ен-Би-Си“ посветена на карневалите низ светот, кои се одвиваа во овој период. Од сите земји во светот, „Ен-Би-Си“ во репортажата застапи само 12, меѓу кои и нашата земја, а од сите нив во насловот на репортажата се најдоа само Македонија и Бразил.
Како што јавува дописникот на „Нетпрес“ од Атина и овој пат не изостана нервозната реакција на јужниот сосед, како традиција секогаш кога ќе се споменат Македонија и Македонците.
„Ен-Би-Си провоцира – ФИРОМ ја нарече Македонија“ е насловот под кој порталот „Брифингњуз“ гневно го коментира фактот што во репортажата на „Ен Би Си“ пишува Македонци и Македонија.
„Иефимерида“, пак, пишува дека иако меѓународната заедница, наводно, решила дека нашето официјално име ќе било поранешна југословенска Република Македонија, една од, како што велат, најпрестижните телевизиски мрежи во светот, „Ен-Би-Си“, решила да нѐ нарекува едноставно Македонија.
Утеха за Грците е тоа што во текстот под фотографијата од Струмичкиот карневал стоело дека градот се наоѓа во ПЈР Македонија, но на авторот на репортажата му замерија што и тука повторно направил промена и нѐ нарекол Македонци.
-На овој ден Македонците ја одбележуваат Прочка, православен христијански празник кога злите духови се бркаат со ритуални танци – се вели во текстот на „Ен-Би-Си“.
Меѓу 12 држави во репортажата, веднаш под Македонија се најде и Грција, но се чини дека фокусот на јужниот сосед, сепак, е насочен кон друго место.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.