| четврток, 6 декември 2018 |

Локалните избори ќе бидат одложени?!

Неофицијално во игра е одложување на локалните избори со цел да се даде време за формирање на експертската комисија што ја предложи Иванов

Санино останува во Скопје да го чека Филе. Можно е и одложување на локалните избори – објавува Дојде Веле, повикувајќи се на дипломатски извори.  Според Дојче Веле директорот на Генералниот директорат за проширување на ЕУ, Стефанo Санино и денеска останува во Скопје, во обид да ги убеди политичките партии да најдат решение за излез од кризата, а не е исклучено тој во Скопје да го дочека неговиот шеф, еврокомесарот Штефан Филе.

Останувањето на Санино е предизвикано од категоричните позиции на власта и опозицијата околу условот на СДСМ да излезат на локланите избори, договор за предвремени парламентарни избори.

Дипломатски извори за Дојче веле брифирале дека Санино може дури да го дочека Филе чиешто доаѓање е најавено за 19 феруари, но, сега не е исклучено таа да се реализира и порано.

Неофицијално во игра е одложување на локалните избори со цел да се даде време за формирање на експертската комисија што ја предложи Иванов. Таа би била со прецизно утврден формат и рокови за утврдување на настаните што претходеле и кулминирале на 24 декември.

Според дипломатски извори на Дојче веле, форматот бил исклучително важен, а еврокомесарот Филе изворно предложил странец да ја предводи таа комисија, а не да биде само член на комисијата без право на глас, како што стои во иницијативата на претседателот Ѓорге Иванов.

Исто така, Филе предложил успехот од работата на таа Комисија, нејзините наоди и евентуално утврдената одговорност за одредени субјекти од страна Комисијата, да биде услов за интеграцискиот процес на Македонија. Со тоа еврокомесарот сакал да го акцентира нејзиното значење и важна улога за излез од кризата, но и за оценките што ќе произлезат за Македонија од наодите на комисијата. Отворено било сеуште барањето на опозицијата за предвремени парламентарни избори, се информациите на Дојче веле.

Партиите молчат за средбите со генералниот директор на Директоратот за проширување, Стефано Санино, кој од завчеравечер е во Скопје.

ВМРО-ДПМНЕ демантираше дека Санино споменал одложување на изборите.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top