| четврток, 6 декември 2018 |

Иванов, Пендаровски, Поповски и Халими во трка за претседател на државата

izbori-45

Актуелниот претседател Ѓорге Иванов од ВМРО-ДПМНЕ, Илијаз Халими од ДПА, Зоран Поповски од ГРОМ и Стево Пендаровски од СДСМ се кандидати за претседател на државата за изборите кои се закажани за 13 април. Партиите треба да ги достават нивните кандидатури до Државната изборна комисија (ДИК) до 13 март.

Од собирање потписи, за што рокот заврши синоќа, се откажаа Стојанче Ангелов од Достоинство и професорката Билјана Ванковска.

Иванов беше избран за кандидат на владејачката партија на конвенцијата на ВМРО-ДПМНЕ во саботата, а за него потписи ставија и повеќе од 20.000 граѓани. По 10.000 потписи од граѓаните собраа кандидатите на ГРОМ и на ДПА, Поповски и Халими, додека за кандидатурата на Пендаровски се чека на потписите на 30 пратеници од опозицијата. Конгрес и промоција на својот кандидат СДСМ ќе одржи во вторник.

На 7 март, односно в петок, завршува дваесетдневниот јавен увид во избирачкиот список за претседателските избори и за граѓаните од земјата и за дијаспората. Дотогаш државјаните на Република Македонија што се на привремена работа или престој во странство можат по електронска пошта преку ДКП до ДИК или до ДИК да поднесат Барање за запишување, дополнување или бришење на податоците во посебните изводи од избирачкиот список и/или да достават барање за гласање на претстојните претседателски избори. Примените барања и пријави преку ДКП, Министерството за внатрешни работи треба да ги достави до ДИК веднаш или најдоцна до 10 март.

Избирачкиот список на политичките партии треба да им биде доставен до 12 март. ДИК го заклучува избирачкиот список најдоцна до 22 март.

Петтите претседателски избори во Македонија се закажани за 13 април. На вториот круг од изборите на 27 април во земјата ќе се одржат и предвремени парламентарни избори откако за време на викендот ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и други помали партии го прифатија барањето на ДУИ за распуштање на Парламентот и предвремени избори.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top