Македонскиот репрезентативец Бобан Грнчаров, кој требаше в среда да настапи за Македонија на мечот со Летонија и да ја носи капитенската лента, преживува вистинска драма во Украина. Грнчаров кој игра за клубот Таврија од Симферопол на Крим, по предупредување на управата на клубот, цела ноќ, околу десет часа, со специјален автобус, заедно со неговото семејство, е извлечен на побезбедно место – во градот Доњецк. Во моментов е сместен во хотел и чека да лета за Истанбул, но сето тоа е неизвесно. Грнчаров за мкд.мк раскажува каква била евакуацијата од Крим.
„Ова е невиден циркус. Вчера од клубот само ни рекоа – морате да го напуштите Крим, ќе биде многу критично, доаѓа руска војска. Мојот град Симферопол е на 30 километри од Севастопол, каде што е стационирана целата руска морнарица. Со специјален автобус кој ни го обезбеди клубот, излегувавме од градот како да сме воени бегалци. На границата има војска и не пушта никој да влезе, само може да се излезе. Ама прашање е кога ќе биде целосно затворено. Сите мои колеги со семејствата, јас, мојата сопруга и ќеркичката, цела ноќ патувавме десет часа до Доњецк. Тука е помирно, а и да се случи нешто, работата да пукне, нема да биде критично како долу на Крим. Таму може да биде ептен жестоко“, вели Грнчаров, кој поради ваквиот развој на настаните, нема да може да настапи на мечот в среда во Скопје.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.