Македонскиот шампион Вардар утревечер (20.45 часот) на арената „Филип Втори“ ќе го одигра првиот меч од воведното квалификациско коло во ЛШ против хрватскиот претставник Динамо Загреб. Тренерот на „црвено-црните“, Гоце Седлоски, верува дека Вардар може да стигне до успех против Динамо Загреб, ако ги искористи слабите страни на противникот.
– Ги повикувам сите навивачи да дојдат утре, да не бодрдат, и да им дадат поддршка на нашите играчи. Динамо Загреб е добар тим, но ова е одличен двомеч за нас – да видиме до каде сме со квалитетот. Имаме искусна екипа, и знам дека фудбалерите ќе го дадат максимумот, со срце, со многу желба. Со поддршка од трибините, уверен сум дека ќе направиме добар резултат. Сите играчи се подготвени за дуелот со Хрватите, и по вечерашниот тренинг ќе одлучам за стартниот состав. Динамо Загреб има свои слаби страни, и подготвени сме да одговориме на тие нивни слабости. Нашиот противник е најдобар тим на Балканот, но во фудбалот се е можно, и ќе ми биде драго доколку го елиминираме хрватскиот тим. Нема да менуваме воопшто во формацијата, и ќе играме напаѓачки фудбал. Не верувам дека Динамо Загреб ќе не потцени, затоа што знаат дека ќе играат против квалитетен тим – истакна Седлоски на денешната прес-конференција, во пресрет на утрешниот дуел.
фото: фк вардар
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.