Македонскиот фудбалски шампион ФК Вардар, по едномесечните интензивни подготовки и неколкуте пријателски средби во Хрватска, се врати во својата база во Скопје, каде што ќе ги одработи финалните подготовки пред стартот на квалификациите за Лигата на шампионите. Противникот што го добија „црвено-црните“ е Динамо Загреб, екипа која е повеќегодишен учесник во групната фаза на ЛШ и е тим кој е најдобар на овие простори. Ждрепката не им беше наклонета на избраниците на тренерот Гоце Седлоски, но, како што најавува капитенот Бобан Грначаров, Вардар е сериозен колектив, подготвен да направи изненадување и да се пласира во следното елиминациско коло.
По долгата интернационална кариера во која помина повеќе од 16 години во клубови во странство, се реши да се вратиш во Вардар од каде што ја почна и професионалната кариера. Што беше пресудно за таквиот чекор знаејќи дека ти беше столбот на одбраната во многу странски екипи?
Грнчаров: Потекнувам од Вардаровата школа за млади фудбалери. На 16 години добив шанса да одиграм неколку натпревари за сениорскиот состав, но брзо потоа, по само една полусезона, клубот доби неколку понуди за моите услуги и се реши да ми пружи шанса и да заминам во странство. Цели 16 години играв надвор од Македонија, во многу реномирани екипи во Белгија, Украина, Кипар, Бугарија. Ми остана една неостварена желба, како дете на Вардар да одиграм неколку сезони за мојот матичен клуб. Тоа се оствари пред две години кога добив повик и понуда од новата управа на клубот и со огромна радост ја прифатив. Веќе две години го носам дресот со грбот на Вардар и сум пресреќен со тоа. Во овие две години јас и мојот клуб двапати станавме шампиони во нашата земја и го вративме клубот каде што му е местото, во самиот врв на македонскиот фудбал.
Бајката на Вардар почна со доаѓањето на сериозниот спонзор кој има цел да го издигне Вардар на уште повисоко ниво и да биде учесник во групната фаза од некое европско натпреварување. Меѓународните натпревари оваа сезона се многу блиску, па дали екипата е подготвена да направи еден голем чекор кон самиот европски врв?
Грнчаров: За да се оствари големата желба на сите навивачи, симпатизери, приврзаници, членови на клубот и Вардар да заигра во групната фаза на Лигата на шампионите или Лигата на Европа, треба многу работи да се совпаднат. Условите што ги имаме за работа се фантастични. Имаме свој тренинг-центар, кој е на високо европско ниво. Сѐ во клубот функционира беспрекорно, а тоа е предуслов и добра основа за градење на еден голем клуб. Благодарение на Сергеј Самсоненко, кој ја препозна желбата на македонските фудбалски фанатици, Вардар во блиска иднина може да се надева на огромни успеси на европско ниво. Академијата што функционира во склоп на фудбалскиот колектив ќе биде таа што ќе ги даде идните големи ѕвезди во македонскиот фудбал, а покрај Вардар, секако, корист од тоа ќе има и македонската репрезентација. Политиката на клубот е со сопствени сили, со македонски деца да се издигне на високо ниво и со неколку навистина квалитетни странски засилувања да се случи да се пласираме во групна фаза на некое европско натпреварување, што би било голем историски успех за клубот и за македонскиот фудбал воопшто.
Оваа сезона во квалификациите за Лигата на шампионите би можело да се каже дека ждрепката не ви беше наклонета. Динамо Загреб е најдобар клуб на овие простори и е редовен учесник во европските натпреварувања.
Грнчаров: Јас не гледам така на работите. За да се стигне до групната фаза од Лигата на шампионите, треба да се поминат три кола. Ако ние сме квалитетна екипа и сакаме да поминеме некое коло повеќе оваа сезона, кога-тогаш ќе мора да одиграме со силни противници. Ждрепката сакаше уште на стартот да ги одмериме силите со хрватскиот долгогодишен шампион. Никако не смееме да се предадеме прерано. Имаме квалитет, имаме сили за да се натпреваруваме со Динамо. Искуството кое го имаат неколкуте наши фудбалери ни дава право да се надеваме на пласман во следното коло. Првиот натпревар се игра во Скопје и посакувам по подолго време арената „Филип Втори“ да се наполни и да одиграме натпревар пред многубројна публика. Противникот е по мера за да се исполнат сите услови за еден одличен меч во вечерните часови во вторник.
Подготовките за почетокот на сезоната ги почнавте пред еден месец. Од Скопје се преселивте во Хрватска, каде што одигравте неколку контролни натпревари со силни противници. Како капитен на екипата, колку си задоволен од досега сработеното и колку новите засилувања можат да помогнат за успех во квалификациите за ЛШ?
Грнчаров: По завршувањето на сезоната во македонскиот шампионат каде што уште еднаш покажавме дека сме најдобра екипа во нашата земја со одбраната на титулата од претходната година, стручниот штаб на чело со Гоце Седлоски одлучи да одработиме квалитетни подготовки во пресрет на натпреварот со Динамо Загреб кои траат повеќе од еден месец. По првата фаза, која ја поминавме во Скопје и на која беше ставен акцент на кондициските подготовки, во Хрватска почнавме да работиме на техничко-тактички план. Одигравме неколку квалитетни пријателски средби со реномирани противници. Резултатот од овие мечеви не беше во прв план иако во сите од нив пристапувавме максимално сериозно со цел да можеме да создадеме повеќе шанси за гол. Тоа и се случуваше, но затаи реализацијата иако можевме да победиме на сите и да дадеме повеќе голови. Новите засилувања сѐ уште се аклиматизираат и се очекува до првиот натпревар против Динамо да блеснат и да го покажат квалитетот. На екипата, според моето мислење, ѝ недостигаат уште две квалитетни засилувања во нападот за да може целиот труд на фудбалерите да дојде до израз и да се покажат резултати. Минатогодишното засилување, бразилскиот интернационалец Фелипе уште на минатите подготовки се вклопи во средината и покажа дека се работи за извонреден фудбалер. Знае да креира акции за постигнување голови, и тоа се случува на секој натпревар. Тренинзите во Скопје продолжуваат со пеколен интензитет и секој е посебен за себе. Меѓутоа, морам да нагласам дека секој тренинг почнува и завршува со разговор за Динамо Загреб. Комплетно сме фокусирани на тоа и не смее да биде пропуштен ниту еден детаљ. Стручниот штаб секојдневно следи видеа од противникот, обрнува посебно внимание на секој фудбалер и ги потенцира квалитетите и маните на секој противнички фудбалер.
Имаш ли некаква порака кон навивачите и кон симпатизерите на Вардар за мечот со Динамо Загреб?
Грнчаров: Моето долгогодишно меѓународно искуство ми кажува дека фудбалот во другите земји се следи со посебен интерес. Сите натпревари што сум ги играл на домашен терен, ги следеле повеќе од 15.000 гледачи. Тоа е прекрасно чувство и сите во Вардар посакуваме натпреварите на домашен терен да ги играме пред голем број симпатизери. Затоа искрено, како капитен на екипата, во име на сите фудбалери ги повикувам гледачите да дојдат на арената „Филип Втори“ и заедно да бидеме дел од еден голем фудбалски спектакл со цел да си помогнеме меѓусебно за остварување добар резултат. Секој резултат постигнат во Скопје без примен гол е успех, што значи дека сме задоволни и со минимална победа, па дури и нерешен исход без голови. Сепак, во оваа фаза на Лигата на шампионите гол во гости многу значи, а ние ќе бидеме тие што ќе атакуваат на голот на противникот за да оствариме поволен резултат и на мечот во Скопје и на тој во Загреб.
Разговараше: Бојан Момировски
Фото: Дејан Станчевски
(Интервјуто со Бобан Грнчаров е објавено во 201. број на неделникот Република, 8.07.2016)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Вардар испиша историја со најновиот ранкинг на УЕФА
-
Поранешен фудбалер моли за помош: Беше дел од „златниот“ Вардар, а сега трпи за леб (видео)
-
Муслиу си поигра мајтап со Вардар: Ќе потпише со Приштина, па веднаш на позајмица во Шкендија
-
Јаневски: Мора добро да се подготвиме за пролетниот дел од сезоната, целта е нов трофеј