Ќе се реформира училишниот спорт во Македонија и во проектот ќе бидат вклучени 100 илајди ученици, најави министерот за образование и наука Спиро Ристовски.
Подготвен е акциски план кој ќе однесува на периодот 2014-2016 година година, а за поголема популаризација училишните спортски натпревари ќе бидат и медиумски покриени од Македонската радио телевизија.
Акцискиот план предвидува во секое училиште да се формира училиштен спортски клуб, кој по своја програма ќе ги реализира активностите и спортските натпревари. Во општините со повеќе од пет училишта ќе се формираат општински сојузи за училиштен спорт, задолжен за спроведувањето на натпреварите и спортските манифестации, согласно со календарот на натпревари и пропозициите на Федерацијата за училиштен спорт.
Предвидено е воведување нови програмски содржини за организирано спортување, односно масовен спорт, преку кој е можно вклучување на голем број ученици, како натпревари од атлетските крос дисциплини, планинарски и велосипедски тури и слично. Освен новите содржини, ќе продолжи да се реализира редовниот систем на училишни натпревари од март до јуни, во домаќинство на повеќе општини“, рече министерот Ристовски.
Во реформирањето на училишниот спортски систем и во зголемувањето на опфатот на ученици од основното и од средното образование во училишните, општинските, регионалните и националните спортски натпревари е важна и активната соработка на локалните самоуправи.
Директорот на Агенцијата за млади и спорт Спасески информираше дека од новите програмски содржини најпрво ќе се почне со училиштен атлетски крос во март, од кој националниот натпревар за сите основни и средни училишта ќе биде на 17 и 18 мај. Во периодот март-јуни во Скопје ќе се реализира и обука за непливачи „Научи да пливаш“, а од 21 до 27 март и од 13 до 19 октомври годинава ќе се организира „Недела на движењето“ за деца од рана и предучилишна возраст.
Според податоците на Федерацијата на училиштен спорт, во последните неколку години околу 35.000 основци и средношколци или меѓу 8 и 10 проценти учествуваат во училишни спортски активности. Целта на овој проект е вклученоста да достигне до 50 отсто за што, како што посочија на прес-конференција, ќе придонесе и подобрувањето и инвестирањето во спортската инфраструктура и новите спортски сали низ Македонија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.