Бројот на избирачките места во земјата од претстојните претседателски избори се зголемува за 504, така што нивниот број ќе изнесува 3.480, наместо досегашните 2.976 гласачки места.
Промената произлегува од измените и дополнувањата на Изборниот законик односно членот 165 од законикот во кој се предвидува бројот на избирачи кои гласаат на избирачкото место да не може да биде поголем од 1.000 избирачи.
Дополнително ќе има едно избирачко во Државната изборна комисија (ДИК) за членовите на избирачките одбори кои ќе мора да отпатуваат во странство за да се реализира гласањето на дијаспората. Членовите на овие избирачки одбори на локалните избори во 2011 година не можеа да го искористат правото на глас бидејќи кога се гласаше тие не беа во земјата.
Предвидени се и 47 избирачки места во дипломатско-конзуларните претставништва каде ќе гласаат државјаните на Македонија кои ќе се пријават на јавниот повик.
Првпат оваа година дијаспората ќе гласа за претседател на државата.
Во шесте изборни единици во земјата и трите надвор од неа вкупно ќе има 3.528 избирачки места.
Според последните податоци од ДИК во Избирачкиот список се запишани над еден милиони и 787 илјади гласачи.
За споредба бројот на избирачките места каде што се реализираше гласањето на минатите изборни циклуси беше 2.976. Запишани во Избирачкиот список на локалните избори што се одржаа лани во март биле еден милион 749 илјади 38 граѓани, на предвремените парламентарни избори во 2011 еден милион 821 илјада и 122 граѓани, додека на претходните претседателски избори во 2009 тој број изнесувал еден милион 792 илјади и 82 граѓани.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.