Со персонален данок меѓу 1-10%, Македонија заедно со Албанија, Босна и Херцеговина и со Бугарија е меѓу земјите во Европа со најниска стапка на оданочување, покажуваат податоците од едно истражување на меѓународната консултантска куќа КПМГ, пренесе Фактор.
Меѓутоа, на мапата за персоналниот данок, земјава е погрешно означена, на местото на Косово.
Србија е во групата на земји со персонален данок меѓу 11 и 20%, за Хрватска персоналниот данок е на нивото меѓу 31 и 40%, додека меѓу највисоките стапки на овој данок е во Грција – меѓу 41 и 50%. Највисоки стапки на персонален данок, од над 51%, според КПМГ, има во Данска, Холандија, Шпанија и во Шведска.
Според вкупното даночно оптоварување на трудот, кое вклучува данокот на доход и социјалните придонеси, на врвот на листата во светот се Белгија (47%), Грција (46, 5%) и Хрватска (46,3%).
Македонија во светски рамки на оваа листа е на 72. место, со вкупни даночни оптоварувања за трудот од 22,7%. Од регионот, пониски вкупни даночни стапки за трудот има во Србија, Бугарија и во Албанија.
На дното на листата е Кувајт, каде што вкупните давачки за трудот изнесуваат 2,7%.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.