Голем е интересот за проектот бесплатна бањско-климатска рекреација на прензионерите. За годинава се обезбедени средства за 5.500 пензионери, кои можат да се пријавуваат до 14 февруари, изјави денеска премиерот Никола Груевски. Продолжувањето на проектот е резултат на фактот што тој се покажал како мошне успешен и за него имало голем интерес во изминатите години, рече Груевски.
– Во изминатите години интересот беше огромен. За годинава се обезбедни средства за 5.500 пензионери да отидат на бања бесплатно бидејќи трошоците ги покрива државата. Огласот е веќе објавен, трае до 14 февруари. Исто како и минатите години, и годинава овој проект е успешен и за него има голем интерес од пензионерите – истакна Груевски одговарајќи на новинарско прашање по промоцијата на 60 нови книги од едицијата „Ѕвезди на светската книжевност“.
Додаде дека при неговите посети на објектите за бањско-климатска рекреација, каде што пензионерите го користат ова право, забележал оти тие се многу задоволни и речиси немале забелешки.
– Тие беа задоволни од можноста што можат да посетат бања. Некои од нив претходно воопшто немале можност да го направат тоа. Овој проект продолжува и натаму. Сите што се заинтересирани можат да се пријават до 14 февруари. Интересот е огромен и се надевам дека годинава ќе продолжи со иста динамика и успешност како и претходните години – рече премиерот.
Досега ова право го искористиле околу 20 илјади пензионери.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.