Не ми е досадено од живеење, иако имам 100 години, животот ми е мил и не ми се умира, вели Драган Делов од Градско за Дневник, кој е роден на 2 септември 1914 година за време на балканските војни, во кои го изгубил и татка си. Татко му не успеал ни да го види својот син, загинал во војната. Делов, кој е роден во Неготино, веќе седум децении живее во Градско.
– Ами, еве, живуркам, како што гледате. Kога убаво, кога полошо, ама не се жалам. Само би сакал да живеам колку што може повеќе. А уште колку ќе живеам, тоа не зависи од мене. Зависи од смртта, кога таа ќе дојде. Не знам дали таа ме заборавила, може утре да дојде или по пет или по десет години, што знам. Немам потпишано никаков договор за бесмртност – се шегува по малку старецот.
Неговата ќерка Ѓурѓина Мирчевска, која има 60 години и се грижи за него, ни откри дека татко ѝ е здрав како дрен и дека лекарот во Градско дури и не го познава.
– Kрвниот притисок му е постојано нормален и на овие години. Да, токму така, како што коментирате и вие, како на младо момче – нагласува ќерка му.
Дедо Драган е роден неготинец, но пред 70 години дошол да живее во Градско и тука останал. Пред 13 години му починала сопругата на 81-годишна возраст. Со неа има 4 деца, 8 внуци и 12 правнуци.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.