По сите случувања, расправии, обвинувања и препукувања што на македонската репрезентација ѝ се случуваа во финишот на Европското првенство во Данска, свој коментар има и Наумче Мојсовски, тој што најмногу недостигаше за подобар пласман од десеттото место. За порталот „Оф.нет“, популарниот Мојсо истакна дека истите проблеми се влечат со години, а на дел од репрезентативците постојано нешто не им чини.
– Не знам за што точно се работи, разговарав со некои од колегите, но не ми го кажаа проблемот. Мислам дека, околу проблемот со натурализација, Прибак и Вугринец не му го земаат лебот на никого, а ние тоа го сфаќаме како на бесилка да нѐ носат и потоа тоа се рефлектира лошо. Кога имаше 20 натурализирани репрезентативци, немаше реакции. Проблемите ги има 15 години, откако сум јас во репрезентацијата, но се надминувале. Овие напади не знам точно спрема кого се бидејќи не сум таму, но мора да се решат, не може вака да остане, мора да се менува нешто. Мислам дека селекторот не е виновен, со него направивме успех и се пласиравме на Европското кога никој не очекуваше од нас – вели Мојсовски за „Оф.нет“.
На прашањето зошто, ако постојат проблеми, отворено не се кажуваат пред настап на големо натпреваруње, туку за време на истото, ракометарот на Металург со одговор:
– Затоа што, колку јас знам, некои играчи сакаат да се над РФМ, над репрезентацијата и над сѐ. Не може РФМ да не чини, селекторот да не чини, а дошле пред само пет месеци и сега одма никој не чини. Ракометната структура е нова и мора да ѝ се даде можност. Мора да седнеме и да ги решиме проблемите еднаш засекогаш за да не се влечат понатаму. Ако треба, ќе се менуваат генерации само за доброто на Македонија – изјави Мојсоски.
Комплетното интервју на Наумче Мојсовски можете да го прочитате тука.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.