Со многу проблеми и повреди, раскарани и со нарушена атмосфера поради меѓусебните кавги и препукувања, македонските ракометари ќе излезат на меган со актуелниот светски првак Шпанија за неполн час во арената „Јуске Бенк Боксен“ во Хернинг.
Неизвесно е дали ќе настапи капитенот Кирил Лазаров бидејќи десниот бек и прв стрелец на шампионатот во Данска не тренираше вчера и се жали на болки во ципите. Замор и ситни повреди чувствуваат и Филип Миркуловски, голманот Борко Ристовски и Дејан Пецаковски, а поради недисциплина, суспендиран е Бранислав Ангеловски.
Очигледно е дека селекторот Ивица Обрван ќе има мака да состави тим за тешкиот дуел со Шпанците, кои најавуваат победа за заверување на пласманот во полуфиналето. Пред денешните последни дуели во групата 1, од втората фаза, лидер е Данска со 8 бода и сигурен пласман во полуфиналето, зад нив се Шпанците со 6 бода, следува Исланд со 5, Унгарија со 3, Македонија со два бода и Австрија без бодови.
Македонија и Шпанија ќе играат од 16 часот, а од 18.15 часот силите ќе ги одмерат Унгарија и Австрија. Финалето на втората фаза од нашата група е закажано за 20.30 часот кога меѓусебе ќе играат скандинавските селекции Данска и Исланд.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.