Шпанците се светски прваци во ракомет, долго се во врвот, но, сепак, не ја потценуваат Македонија, иако знаат дека атмосферата во нашиот табор по меѓусебните расправии не е најдобра. За нас последниот меч во втората фаза е со помал од влог од тој на Шпанците, кои немаат право на грешка бидејќи со тоа би си го загрозиле пласманот во полуфиналето.
– Македонците ќе бидат екстра-мотивирани, без разлика на проблемите во нивниот табор. Шпанија е светски првак и против нас сите се дополнително наострени за успех. Мора да ја вратиме самодовербата по лошата партија против Австрија, а клуч на успехот ќе биде нашето препознатливо оружје, цврстата одбрана. Тој сегмент не функционираше најдобро ниту против Данска, ниту на дуелот со Австрија – вели Виран Морос, една од главните алки во одбраната на „црвената фурија“. Шпанците со пораз, што во овие околности би бил вистинска сензација, може и да испаднат од битката за медали, ако Исланд ја победи Данска, селекција која си обезбеди настап во завршницата и има максимален учинок досега.
– Немаме алтернатива, ни одговара само победа. Можеме и со реми до полуфиналето, но тоа не е опција за состав што ја има светската круна. Само победа против Македонија и ништо друго – изјави голманот Сиера.
Добра вест за Шпанците, а лоша за нас е враќањето на извонредниот пикер на „фуријата“ Јулен Агинагалде. Тој се рехабилитира по проблемите со повредите и играше против Австрија со одличен ефект од осум гола, најмногу на мечот што беше прв за него на ЕП во Данска.
Кај нас нема да игра суспендираниот Бранко Ангеловски, ниту повредениот Стојчевски, а на повреди се жалат Кирил Лазаров и Филип Миркуловски. Шпанија има максимален учинок во дуелите со Македонија, а не победија и во двата квалификациски меча за настап токму на овој шампионат во Данска.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.