| четврток, 6 декември 2018 |

Компании од автомобилскиот сектор годинава ќе инвестираат во Македонија

Глобални компании од автомобилскиот сектор во текот на првиот квартал од годинава ќе испратат свои претставници во Македонија со цел да ги финализираат преговорите за изградба на свои фабрики во земјава.

Ова, како што соопшти Дирекцијата за Технолошко индустриски зони, е најавено на средбите што директорот на Дирекцијата Виктор Мизо ги оствари на Аутомотив Њуз Ворлд Конгрес, кој се одржува во Детроит за време на НАИАС– најголемиот автомобилски саем во Северна Америка.

Станува збор за американски и европски компании производители на автомобилски делови со кои се разговара за потенцијални инвестициски проекти во слободните економски зони во Македонија. Средбите беа остварени на националниот штанд на кој беше претставена Македонија.

На конференцијата присуствуваат претставници на најголемите автомобилски компании во светот, како и директори на глобалните компании за производство на автомобилски делови. Освен Македонија, со свои штандови се претставија и Мексико, Тексас, Лузијана, Вирџинија и Џорџија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top