| четврток, 6 декември 2018 |

Џери Наумоф: Македонија е најкомпетитивна и пробизнис земја во Европа

naumoff

Во интервју за Економски.мк министерот Џери Наумоф зборува за привлекувањето на странски инвестиции, за компаниите со кои се преговара и за работата и животот во Република Македонија.

Кои компании/индустрии се во вашиот фокус?

Наумоф: ИКТ и КАД аутсорсинг се области кои нудат одлични можности за инвестирање и ова се едни од дејностите кои се мој главен фокус во привлекувањето на странски инвестиции. Трошоците за работна сила и регулативите во Северна Америка и во Западна Европа се многу високи за овие сектори. Од друга страна, младата генерација во Македонија е високо образована, талентирана и има амбиција да работи во високо технолошко развиени и креативни индустрии. Со фокус на развојот и инвестирањето во нови технологии истовремено влијаеме на спречувањето на одливот на квалитетните млади кадри и на трансферот на нови знаења во земјата. Важно е да се препознае дека ова се надпросечно платени работни места. Друг таргет во мојата работа се извозно ориентирани производствени дејности а посебно „Смарт“ технологијата. „Смарт“ технологијата е нов тренд на високо развиена технологија и високо автоматизирано производство кое креира двојно повеќе индиректни работни места, претежно стручни во споредба со стандардното производство, На моите патувања во Америка, Италија и Франција, преку контактите со многу луѓе претставници на бизнис заедниците, сопственици, менаџери, дојдов до заклучок дека Владите го задушуваат бизнис секторот со зголемување на даноците, затегнување на регулативите и агресивните синдикати, создавајќи неповолна клима за понатамошен развој и профитабилност. Тоа го имав увидено и минатата година од моите корпоративни клиенти во Чикаго. Oвие аргументи одат во прилог на Македонија и затоа мораме агресивно да ги убедиме овие компании да започнат свој бизнис тука. Производителите можат да ги искористат инвестициските бенифиции кои ги нуди Македонија , како што се најниските оперативни трошоци во Европа, расположливата високо образована сила, логистичката предност која овозможува слободна трговија со цела Европа, вклучувајќи ја и Турција. Ова е пазар од околу 700 милиони потрошувачи пристапен за максимум два до три дена со железница или камион. Процесот на донесување на одлука за инвестирање е долг, особено кога се работи за големи компании . Затоа имам паралелна стратегија која става акцент и на малите и средни бизниси кои нудат висок квалитет на услуги и се брзорастечки. Оваа стратегија ја применував и на мојот бизнис во Чикаго. Со овие компании може полесно да се создаде бизнис релација и овие компании може полесно да донесат одлука за инвестирање. Исто така научив дека многу од малите и средни компании можат да бидат навистина профитабилни и кај нив е развиена желбата за глобален развој. Ова е уникатна стратегија, бидејќи ние сме единствена земја, за разлика од економските тимови на другите земји, која дава еднаква важност и вредност на овие брзорастечки бизниси кои носат побрзи одлуки . Малите компании исто така се чувствуваат изгубени кога станува збор за аутсорсингот од земји како Кина, Индија и Мексико. Во Македонија тие се високо ценети и се чувствуваат добредојдени. Мојата визија е за кратко Македонија да има многу нови и различни, брзорастечки компании од различни дејности кои ќе нудат добро платени работни места и кои ќе трансферираат know – how знаења и технологии.

Имате ли компании со кои преговорите се во понапрадна фаза и за какви инвестиции станува збор?

Наумоф: Да, имам неколку компании кои се подготвени да инвестираат во Македонија. Очекувам една компанија да ги постави темелите на својот производствен и изложбен објект оваа пролет . Оваа компанија првично ќе вработи околу 50 луѓе , а за неколку години очекувам бројка од 100 вработувања. Наскоро, во согласност со компанијата, ќе ги објавиме и специфичните детали од оваа инвестиција. Исто така компанија од областа на информатичките технологии е во процес на основање на својата компанија, обезбедување на деловен простор и регрутирање на соодветни кадри. За почеток оваа компанија ќе почне со 20 вработувања со надпросечно високи плати. Се планира значително зголемување на бројот на работни места, но не би сакал во моментот да шпекулирам. Имам уште една компанија која работи на обезбедување со видео надзор која неодамна донесе одлука да започнат со работа во две специфични области. Едната област е лесно производство и складирање со цел извоз низ целиот свет, а другата ќе вклучува развоен тим за ИТ кој ќе ја прилагодува опремата за специфичните клиенти. За почеток компанијата ќе започне само со десет вработени, но очекуваат за краток период оваа бројка да се зголеми со проширување на нивниот пазар. Овие проекти се спроведени во период од само три месеци, по првичните средби остварени на моите бизнис патувања. Со ова се потврдува дека овие успешни брзорастечки и претприемачки компании носат брзи одлуки за искористување на предностите за инвестирање кои Македонија ги дава за да истите го лансираат бизнисот глобално и да остварат брз раст и зголемена профитабилност . Што е уште повеќе важно, се работи за високо квалификувани работни места со надпросечни плати и трансфер на know how. Имам седум други компании со кои преговарам, коишто ја имаат посетено Македонија како резултат на моите патувања и лични контакти, создадени со моето долгогодишно работење како претприемач во Америка и секоја од нив пројави интерес да започне свој бизнис тука. Две се од областа на земјоделството, две од производство, една аутсорсинг ИТ, една КАД/КАМ инженеринг и една е од областа на аутсорсинг на бизнис процеси ( БПО).

Може ли да ни откриете некои од компаниите кои одлучиле да инвестираат во Македонија, а вие сте учествувале во процесот на нивно привлекување?

Наумоф: За жал поради принципот на доверливост се уште не сум во можност да ги откријам имињата на компаниите со кои сме во процес на преговори. Секако, сите информации ќе ги објавам после потпишувањето на договорите.

Целото интервју погледнете го на Економски.мк

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top