| четврток, 6 декември 2018 |

Мојсо: Сѐ би дал да можам да помогнам против Чешка и Австрија

Наумче Мојсовски не игра на Европското првенство во Данска, што е голем хендикеп за Македонија, а пред еден од двата клучни дуели со Чешка, вели дека би дал сѐ да може да игра во Хернинг, вечерва од 18.15 часот против Јиха и соиграчите и два дена подоцна против Австрија.

– Многу потешко е да се гледаат натпреварите на Македонија на телевизија отколку да сум на терен. Се надевам дека вечерва момците ќе дадат сѐ од себе за да ја победат Чешка. Не смее да нѐ залаже лошиот ден на оваа репрезентација против Австрија и поразот од 10 гола разлика. Нема да си дозволат два слаби натпревари по ред. Мораме да бидеме максимално концентрирани во сите сегменти на играта. Чешка е висока репрезентација, а ние сме побрзи, и тоа мора да го искористиме. Верувам дека и голманите и одбраната и нападот против вечерашниот противник ќе функционираат беспрекорно и дека ќе славиме победа – вели популарниот Мојсо.

Тој е во Хрватска, каде што ќе помине одреден дел од предвидената рехабилитација по незгодната повреда на предни вкрстени лигаменти на коленото, а пехот му се случи непосредно пред почетокот на ЕП во Данска. Таму Македонија од 18.15 часот ќе ја бие една од клучните битки за пласман во вториот круг, а Мојсовски вели дека капитенот на Чешка, Филип Јиха, мора да се сопре.

– Јиха е главната алка кај Чесите, но одигра слабо на премиерниот дуел против Австрија. Имаше доста утнувања и загубени топки, што не е вообичаено за ракометар од негов калибар. Ќе мора да се сопрат неговите силни удари од девет метри, а се надевам дека повторно нема да биде на посакуваното ниво. И пикерите им играа слабо, што мора да го искористиме и како и Австријците и ние да ги неутрализираме. Со побрза игра имаме добри шанси за успех – ја анализира Мојсовски играта на Чесите специјално за „Република“.

Со победа денеска Македонија речиси сигурно оди натаму бидејќи Чесите би имале два порази, па би требало да направат подвиг против домаќинот Данска и сите останати резултати да им одат во прилог, што е тешко за верување. Поразот од 10 гола разлика, 20-30, против Австрија е голем хендикеп за Јиха и соиграчите во евентуален круг на три селекции кои би имале по два бода во конечниот расплет од групата А.

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top