Во 2013 година само на Гинеколошко-акушерската клиника во Скопје се родија повеќе од 5.500 бебиња. На свет дојдоа четири тројки и 129 чифта близнаци. Мајките што родиле деца биле на возраст од 14 до 49 години. Се породила и 14-годишна тинејџерка, а најстарата родилка имала 49 години. Просечната возраст на мајка што за првпат родила во 2013 година е 28,1 години. Во Македонија изминативе неколку години се раѓаат по околу 23.000 бебиња годишно.
Владата води кампања за многудетно семејство. Премиерот Никола Груевски во новогодишното интервју за националниот сервис уште еднаш го нагласи проблемот со демографијата.
– Многу земји во регионов и во ЕУ го имаат истиот проблем и сѐ уште ретко има конкретни резултати, но ние работиме на случајот, се трудиме. Оваа влада е првата што се соочи со демографската криза и затоа правиме кампањи, даваме бенефиции за тие што ќе се решат да го прошират семејството – изјави Груевски.
И спортистите остваруваа
Јавните личности во изминатата година активно се вклучија во кампањата. Спортистите се на листата на тие што, дефинитивно, дадоа свој придонес во зголемувањето на наталитетот во земјава. Бејбибумот беше најголем кај ракометарите од Металург. Прв беше Филип Миркуловски, кој доби ќерка во февруари, Јована. Наумче Мојсовски својот син го доби во мај, а во јули се породи и сопругата на неговиот брат, Златко Мојсоски. Се родија идните ракометарчиња Мојсоски. Нивниот клупски колега, пак, Ацо Јоноски, доби втора ќерка. Се роди и Михаил, син на голманот на ракометниот клуб Вардар, Златко Даскалоски. Македонскиот кошаркарски репрезентативец Ѓорѓи Чековски стана татко по вторпат, неговата сопруга повторно роди син. Апсолутен шампион е познатиот македонски пливач Александар Маленко, кој во јули доби син. Ова е негово четврто дете, прво со неговата сегашна сопруга Фанче. Секое дете му е од различна сопруга. Ќеркичката Лора е од неговиот брак со пејачката и водителка Сузана Турунџиева, од бракот со актерката Јелена Жугиќ го има синот Ахил, а третото дете го има со третата сопруга, Русинката Татјана.

Ребека беше единствената позната Македонка што минатата година роди близначиња – Макариј и Доротеј. Таа и нејзиниот сопруг веќе го имаат шестгодишниот Макријан. И Елена Велевска е мајка на три дечиња. Најмладиот член на семејството се вика Калија. Емилија е втората ќерка на Наташа Малинкова, а за првпат мајка стана и младата пејачка Наде Талевска, која својот Максим го доби на петок 13. На денот на винарите, Св. Трифун и денот на љубовта, според католичкиот верски календар, се роди Маша Младеновска, ќерка на водачот на „Суперхикс“, Пеце Младеновски. Татко стана и пејачот и бизнисмен Дарко Гелев – Брејк. Тој и неговата сопруга, поранешната мис на Македонија, Драгана Клопчевска, се горди родители на Давид. Татко на својот роденден стана и раперот Били Ѕвер.

Актерот Борче Нечев и неговата сопруга, балерината Александра, во 2013 година ја добија Дениција. Висар Вишка и водителката Елена Митева, пак, во април му посакаа добре дојде на свет на својот прв син Дион. За првпат стана мајка Здравкица Билбиловска, која ја роди Маша.
Се роди второто дете на новинарот Стојан Трпчевски, второто дете на новинарите Ѓорги и Александра Томиќ, се породи новинарката Ана Зафирова, како и водителката Живкица Ѓурчиновска, сега веќе Каленикова. Презентерот на вестите на телевизија „Канал 5“, Борислав Тноковски стана татко на Матео.
Имај трето дете
Остваруваа и политичарите – некои се вклучија во кампањата за трето дете, некои добија второ дете, а некои, пак, се радуваа на првото чедо. Своето трето дете го доби пратеникот Влатко Ѓорчев. Никола се роди во јули и заедно со Марта, Филип и со мама Сузана се најголемата среќа на тато. Влатко вели дека да се биде родител е најубавото чувство. Тој и Американката Сузана се во брак од 2009 година. Ѓорчев важи за еден од најголемите поборници за забрана на абортусот.

Трикратен татко е и градоначалникот на Виница, Емил Дончев, покрај Иван и Лаура, сега ја има и ќерката Дарија.
И пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Ромео Тренов стана татко по третпат. Неговата сопруга Станка донесе на свет здраво машко дете. Претходно Ромео и Станка се родители на Филип (4) и на Константин (2), а минатата година добија трет син.
Синовите доминираат
Со второ дете минатата година „остваруваа“министерот за транспорт и за врски Миле Јанакиески, кој го доби вториот син на тригодишнината од неговиот брак со сопругата Сања.
„Каков ден! На годишнината од брак добив син!“ напиша министерот на 11 април на својот профил на „Фејсбук“.

Во октомври заменик-министерот за одбрана и генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Емил Димитриев, доби ќеркичка, второ дете за него и за неговата сопруга Сашка. Тие го имаат и синот Петар. Радосниот татко новоста ја објави на својот профил на „Фејсбук“:
„Денес ми е посебен ден. Јас и сопругата Сашка добивме ќеркичка, синот Петар доби сестричка. На сите Бог да им даде што посакуваат“.
Се роди и Калин, на исти ден со тато Никола Димитров, поранешниот амбасадор на Македонија во САД и преговарач во спорот со Грција.
Пратеникот од редовите на СДСМ Гордан Георгиев го доби својот втор син. Убавата вест ја соопшти неговата сопруга Ана, која на својата страница на „Фејсбук“ на 28 ноември напиша:
„Денес станав мајка на два сина“.
И пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ од Гевгелија, Драган Цуклев стана татко по вторпат. Неговата сопруга Ленче на свет ја донесе малата Марија.
Второ дете роди и заменик-министерката за правда Билјана Бришковска-Бошковски.
На принова се радуваше и нивната колешка од СДСМ, Маринела Маричиќ – Тушева, која го роди своето прво дете – Ведран.

„3,630 килограми среќа и 51 сантиметар убавина и неизмерна радост. Нека е жив и здрав Ведран Маричиќ и неговата силна мајка Маринела“, објави на својот профил на „Фејсбук“ сопругот на Маринела, Бојан Маричиќ на крајот на јули минатата година.
За првпат во улога на татко се најде шефот на кабинетот на премиерот Груевски, Мартин Протогер. Во последниот месец од годината што измина тој и неговата сопруга го добија синот Кирил. Свадбата на Мартин и на неговата избраничка се одржа летово.
Првото дете минатата година го доби и државниот секретар во Министерството за одбрана, Сашо Стефаноски. Неговата сопруга Ана роди здраво женско дете, кое решија да го крстат Јоана.
Доби ќерка и Бујар Османи, ексминистерот за здравство, сега веќе портпарол на Демократската унија на Албанците. Елиза е прво дете во семејството на Османи.
Пишува: Билјана Зафирова
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Видео од кое заледува крв: Поп го испушта бебето од раце сред крштевка
-
Лора и Филип го чекаат своето прво дете: Сузана Турунџиева не го откри полот на бебето
-
Ако сте родиле машко бебе имате поголема шасна да страдате од постпородилна депресија
-
Секунда до трагедија: Бебе летна од рацете на мајка си кога до нив експлодирала гума (видео)


