Грозницата наречена зимски преоден рок во фудбалот е на самиот почеток, па веќе се прават предвидувања и анализи на кои клубови што им треба за да ги пополнат празнините или да се засилат.
Британските медиуми како и секогаш многу темелно ги анализираат случувањата во јануарскиот преоден рок, а во дел од нив е спомнат и македонскиот интернационалец Горан Попов, кој е член на англискиот премиерлигаш Вест Бромвич Албион. За жал грото од нив што се занимаваат со оваа проблематика предвидуваат дека Попов нема да добие нова шанса во клубот од Бирмингем.
„Лијам Риџвел и Горан Попов не одиграа на потребното ниво на позицијата лев бек и тоа беше една од слабите точки во тимот на ВБА. На овој состав му треба нов менаџер, но и нов лев бек“, пишуваат новинарите на „Скај спорт“.
Слично, иако не толку директно, простување на Попов од Бирмингем најавува и „Би-Би-Си“. Стив Кларк, кој го донесе Попов на позајмица од Динамо Киев, доби отказ, а новинарите на „Би-Би-Си“ посочуваат дека челниците на клубот се заинтересирани за левиот бек на Ипсвич, Ерон Кресвел. Риџвел играше повеќе од Попов во првиот дел од шампионатот за ВБА, тој е еден вид икона на клубот од Бирмингем и лесно е да се претпостави дека ќе добие предност пред Македонецот. Особено што на Попов му завршува договорот за позајмица во овој преоден рок.
Струмичанецот одлично почна во тимот од Бирмингем, експресно стана миленик на навивачите, но работите тргнаа наопаку од дуелот со Тотенхем одигран на почетокот на февруари, лани. Попов на стартот од вториот дел направи непромислен гест, го плукна Кајл Вокер и заработи црвен картон. Медиумите во Англија остро го осудија таквиот гест на Македонецот, кој од тој момент се поретко добиваше шанса да игра за ВБА. Тој моментно е единствениот македонски фудбалер што игра во Премиер Лигата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Во 12.500 пораки го опишале одвратното злоставување на бебе и 5 годишно девојче: Мајката и љубовникот осудени на 50 години затвор
-
Кога Англија игра фудбал, Британците ги тепаат жените
-
По пауза од 28 години Англичаните се во полуфинале на фудбалското СП
-
Англичаните се спасија во судиското продолжение