| четврток, 6 декември 2018 |

И судиите ги навредуваат играчите, Клатенбург повторно под истрага во Англија

И судиите не се имуни на пцости и навреди кон фудбалерите, а во центарот на вниманието повторно е контроверзниот англиски судија Марк Клатенбург. Тој е обвинет од играчот на Саутемптон Адам Лалана, дека навредувал и се однесувал непристојно на дуелот на популарните „светци“ со Евертон.

Лалана во еден момент во финишот на мечот бараше од Клатенбург да досуди пенал за Саутемптон, а како што тврди наместо удар од белата точка, добил шокантни навреди од судијата.

Раководството на Саутемптон се жалеше до англиската фудбалска федерација (ФА) и побара Клатенбург да биде казнет и да не му суди повеќе на овој клуб. Истиот арбитар и лани беше во фокусот на вниманието, откако беше обвинет за навреди на расна основа од фудбалерот на Челси Џон Оби Микел. Клатенбург наводно го нарекол „мајмун“ црномурестиот играч на Челси, по што „сините“ од Стемфорд Бриџ побараа негово изземање од дуелите на оваа екипа.

Клатенбург не беше делегиран на неколку натпревари што ги играше Челси, но потоа од ФА одлучија дека нема цврсти докази за непристојно однесување на овој судија и Клатенбург продолжи да ја дели правдата во Премиер лигата, вклучувајќи ги и натпревраите на клубот од Лондон.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top