| четврток, 6 декември 2018 |

Директорот на „Халкбанк“ се брани: парите најдени кај мене беа за Меѓународниот балкански универзитет во Македонија

Според информациите, полицијата во домот на Аслан полицијата пронашла 4,5 милиони долари скриени во кутии за чевли

halkbank

Генералниот директор на турската „Халкбанк“, Сулејман Аслан, кој минатата недела беше уапсен под обвинение дека земал мито изјави дека парите кои биле најдени кај него дома биле донација за Меѓународниот Балкански Универзитет во Македонија.

– Синот на пратеникот Хусеин Бурге, кој е претседател на Фондацијата основач на Универзитетот, донесе кај мене 1.950.000 евра, бидејќи не можеше да ги испрати поради законски пречки во Македонија – изјави тој во својата одбрана .

Според информациите, полицијата во домот на Аслан полицијата пронашла 4,5 милиони долари скриени во кутии за чевли.

– Парите не можеа да се трансферираат во Македонија, останаа кај мене дома. Ако ги ставев во банката, требаше да се наведе во чие име се ставаат и зошто, а истото треба да се направи со записник во писмена форма. Затоа овие пари ги чував дома. Дел од средствата во висина од 950.000 евра успеавме со тешкотии да ги однесеме во Македонија. Другите 1.000.000 кои останаа кај мене, сега се запленети“ –  изјави Аслан.

Тој објасни дека од запленетите пари 2 милона евра биле наменети за Универзитетот, а остатокот за верски училишта.
Освен Аслан кој денеска даде изјава во рамките на својата одбрана, се огласи и „Халкбанк“ по повод обвинувањата за незаконски трансакции со Иран.
„Нашите трговски односи се редовно контролирани од соодветните власти. Финансиското посредништво во рамките на трговските односи со Иран е изведено во согласност со правилата“, се наведува во соопштението на банката. Соопштението е објавено по притворањето на генералниот директор, Сулејман Аслан, но и по апсењето на азербејџанскиот бизнисмен Реза Зараб, обвинет за организаирање мрежа за поткупување на службеници, кои наводно требало да ги прикријат продажбите на злато за Иран со посредништво на „Халкбанк“.
Во рамките на антикорупциската истрага во Турција беа подигнати обвиненија против 24 лица, меѓу кои и против синовите на министерот за внатрешни работи, за економија и против синот на Аслан. Турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган во саботата изјави дека „Халкбанк“ е цел на меѓународен заговор, додавајќи дека банката ги стопирала трансакциите со Иран на 10 јуни откако САД вовеле нови санкции кон Техеран.
Тој планира голема реконструкција на владата, по тензиите поради истрагата за корупција на високо ниво, објавија турските медиуми. Ердоган уште претходно планираше реконструкција на Владата во пресрет на локалните избори на 30 март следната година, а весникот „Хуриет“ денеска пишува дека се очекува премиерот до крајот на декември да смени десет министри. Министерот за внатрешни работи на Турција, Муамер Гулер, вчера на премиерот Ердоган му понуди оставка поради големиот корупциски скандал што резултираше со апсење на неговиот син и уште 23 лица. Турската полиција приведе десетици лица блиски до Ердоган, а владата смени околу 70 полицски инспeктори под обвинение за злоупотреба на службената положба.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top