| четврток, 6 декември 2018 |

Хан: Македонија може да влезе во Јадранско-јонската стратегија aко земјите од ЕУ го дозволат тоа

Комесарот за регионална политика на Европската унија, Јоханес Хан, денеска на прашање на дописникот на МИА од Брисел зошто само Македонија е исклучена од големата макроекономска Јадранско-јонска стратегија за поврзување на земјите од регионот, што од 2015 година ќе се остварува со пари на Унијата, одговори дека не
е доцна нашата земја да се приклучи ако земјите-членки го дозволат истото.

Според Хан, четирите земји-членки на ЕУ (Италија, Словенија, Хрватска и Грција) се носители на проектот и ако тие дадат „зелено светло“, тој ќе ја вклучи и Македонија во програмата што Комисијата треба да ја изготви до крајот на идната година.

– Најпрво, Јадранско-јонската иницијатива е макрорегионална стратегија што е создадена на иницијатива на земјите-членки на Европската унија. Второ, таа не е само за инфраструктура, туку проект кој е особено поврзан со крајбрежната област и затоа само одреден број земји-членки и земји што не се членки на ЕУ се вклучени. Иницијативата е на некои земји-членки и ако има промена во однос на нивното мислење, ние сме подготвени да го земеме предвид тоа. Но, од Европската комисија веќе е побарано да презентира нацрт за стратегијата до крајот на 2014 година и ова вклучува во моментов добро познати земји-членки од макрорегионалната стратегија – одговорил еврокомесарот Хан.

Сепак, дека Македонија може да се вклучи во оваа стратегија иако логички не би требало да припаѓа, со оглед на тоа што не излегува ниту на Јадранско Море ниту на Јонско Море, покажува фактот што од земјите кои не се члеки на ЕУ, покрај Албанија, Босна и Херцеговина и Црна Гора, е вклучена и Србија, која, исто така, не излегува на овие мориња.

Во случајот со Јадранско-јонската иницијатива, многу е важен политичкиот момент бидејќи е јасно дека на иницијатива на Грција, Македонија се исклучува, додека Србија која, исто така, не излегува ниту на Јадранско ниту на Јонско Море – е вклучена!

Идејата на еврокомесарот за регионална политика, Јоханес Хан, е да има за секој од регионите стратегија и таквото дефенирање на приоритетите да се совпадне со парите предвидени за регионална помош на ЕУ, па оттука се извлекува долгорочна стратегија за соработка на сите земји во рамки на макрорегион признат од страна на Унијата и со пари што ќе се фокусираат на реализирање на приоритетите од стратегијата. Токму затоа, ако Македонија е оставена надвор од стратегиите, тогаш нема да биде поврзана ниту со големите пари од касата на Брисел (освен со Инстриментот за претпристапна помош-ИПА 2).

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top