Хрватските уредници и новинари, за време на престојот во Македонија, биле воодушевени од Македонија, како од природните убавини, така и од гостопримството на Македонците, но и од храната и виното што имале можност да ги вкусат, објави порталот „Охрид њуз“.
– За време на престојот во Охрид ми пријде еден наш колега и замоли да му дадам изјава за „Дојче веле“, за тоа како ги остваруваме како национално малцинство своите права во Хрватска. Му зборував за ситуацијата во Хрватска и за тоа дека ние како македонско национално малцинство имаме свои училишта на македонски јазик, списание преку кое две децении се обидуваме не само да го сочуваме, туку и го афирмираме својот национален идентитет, издавачка дејност и други бројни активности на македонските културни друштва сплотени во Заедницата на Македонците во Хрватска. Но, подоцна, кога заедно со хрватските колеги бевме на средба со хрватската дијаспора во Македонија, не ми беше пријатно да ги слушам нивните забелешки во однос на правата кои ги имаат, или како што велат тие – би требало да ги имаат во Република Македонија. Но, тоа е една друга приказна, пишува Милена Герогиевска во „Македонски глас“, списение кое излегува во Хрватска..
Таа додава дека приказната за патувањето најдобро ја раскажала во својата репортажа колешката од „Слободна Далмација“ и порталот „Трис“, Даворка Блажевиќ, искусна новинарка, која доста аналитично ги опфатила сите поединости од патувањето.
– Ја сакам Македонија. Поради топлите луѓе, прекрасните вина и одличната храна. Не нужно по тој редослед. Но, кој и да кажал дека овде срдечноста е во традицијата и духот на народот, погодил. Секогаш, некако со радост патувам во таа јужна и помалку тажна земја, на која некои дури и го одрекуваат правото на името, се наведува во текстот на Блажевиќ, во кој Охрид го нарекува православен Ерусалим, а Охридското езеро – бисерен ѓердан на Македонија. За Скопје, по разгледувањето на градот и културните споменици, таа вели: „Скопје е град на споменици за Гинис“.
Друга хрватска новинарка во својот текст пишува дека експлозијата на вкусови од Македонија ја понела во Хрватска, понесувајќи овчо сирење, кашкавал и секако една тегла од прекрасниот македонски ајвар, чиј вкус никаде на друго место не може да се почувствува, освен „таму каде вечното сонце сјае“.
Георгиевска додава дека студиското патување вродило со нови иницијативи за соработка, за збратимување на хрватски и македонски градови (Охрид-Дубровник, Шибеник-Каварадци), возвратна посета на македонски новинари.
– Иницијативите беа топло поздравени од хрватскиот сегашен и поранешен претседател, Иво Јосиповиќ и Стипе Месиќ, кој впрочем, ја предложи идејата за Охрид и Дубровник да станат градови пријатели, пишува главната и одговорна уредничка „Македонски глас“ од Загреб, Милена Георгиевска.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.