
Селективните абортуси на женски фетуси се реалност во Ерменија, Азербејџан, Грузија, Албанија, Косово, Црна Гора и во Македонија, на што овие земји треба да реагираат, предупредува Францускиот национален институт за демографски студии (ИНЕД).
Во студијата на ИНЕД, насловена „Маскулинизацијата на раѓањата во Источна Европа“, се нагласува дека феноменот на пренаталната селекција на машките деца не е својствен само на Азија, туку дека со развојот на технологијата од пред 20 години тој сѐ повеќе се применува и во европските земји, посебно во оние од Јужен Кавказ и Балканот, но дека не е поштедена ниту Западна Европа.
– Овај феномен првпат беше опишан пред десет години. Можеме само да се запрашаме зошто властите на овие европски земји почнаа да се грижат дури сега, наведуваат двајцата автори на студијата Кристоф Гилмото и Жералдин Дуте.
Од студијата се гледа дека во Ерменија, Азербејџан и во Грузија се раѓаат по 115 машки деца на 100 женски, а слична е ситуацијата и во Албанија, Косово, Црна Гора и во западниот дел на Македонија, каде што просечно се раѓаат 110 машки деца на 100 женски, иако светскиот просек е 105 на 100.
– Оваа ситуација се должи на опстојувањето на традиционалните патријахални вредности, но и на намалувањето на плодноста и на напредокот на современите технологии на пренаталната медицина. Ехографиите можат да доведат до селективни абортуси на женските фетуси. Ова остава сомнеж дека еден значаен дел од женските зачнати деца не се родени поради предвеменото прекинување на бременоста – стои во француската студија.
Од статистиката произлегува дека кога едно семејство има две девојчиња, раѓањето на машките деца е исклучиво висока. Во првата деценија на 21 век, во Ерменија кај третото породување било забележано раѓање на 185 машки деца на 100 женски, бројка која, според демографите, претставува светски рекорд.
Демографите се загрижени од напредокот на технологијата, со која може да се одреди полот на детето пред раѓањето почнувајќи од тест на крвта на фетусот, па дури и од методот на избор на полот на детето пред зачнувањето, кои уште повеќе ќе ја банализираат селекцијата.
Научниците се загрижени поради слабиот интерес на властите и на граѓанското општетство за овај феномен во земјите погодени од него. И покрај предупредувањата, тоа не доведе до кампањи против селективното абортирање или мерки за полова рамноправност во рамките на самите семејства.
Ова, според нив, води кон опасноста да им се дадат аргументи на големите противници на абортусот.
– Ние треба да бидеме внимателни да не се користи пренаталната полова селекција како претекст за ограничување на легалното абортирање, оценуваат авторите на студијата.
Швајцарската парламентарка Дорис Стумп во 2011 година во извештајот на ПССЕ се осврнува на ситуацијата со селекцијата на децата според полот во земјите-членки на Советот на Европа. Тогаш ПССЕ донесе резолуција во која беа повикани земјите-членки да собираат податоци и да се зафатат со справување со овој феномен.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


