Стентирање артерии на нозе првпат во Македонија, оперативен зафат кој од денеска почнува да се применува во Заводот за кардиоваскуларни болести во Охрид, објави порталот „Охриднет“.
Со оваа метода во лабараторијата „Свети Стефан“ – Охрид ќе се врши стентирање, односно интервенции на периферни артерии на нозе. Техниката ќе овозможи кај голем дел од пациентите со хронични тотални инклузии на артерии да се спречи ампутација на екстремитетите.

– Овие процедури несомнено ќе значат нова ера во развојот на интервентната кардиологија не само во Охрид, туку и во Македонија. Со оглед на тоа што најголем дел од овие инетервенции завршуваа со бајпас-операции на нозе, а еден дел кои не беа решливи со бајпас-операција беа подложени на ампутација на долниот екстремитет – изјави д- р Никола Бакрачески, градоначалник на Охрид.

Тимот од кардиолошкиот институт една недела беше на едукација во Австрија. Под супервизија на врвниот специјалист од универзитетот од Салзбург деновиве ќе се извршат повеќе оперативни зафати во Охрид.
Со оваа техника и низата останати нови современи медицински методи воведени во Заводот за кардиоваскуларни болести во Охрид, се потврдува дека здравствената институција го следи современиот европски тренд во здравството. Се очекува за новата метода да има интерес на пациенти од цела Македонија, но и од соседна Албанија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


